logo
logo
logo

ГО СНЕМУВА ЗАСЕКОГАШ! - Почна уривањето на „Вјесник“ во Загреб

Vecer | 09.04.2026

ГО СНЕМУВА ЗАСЕКОГАШ! - Почна уривањето на „Вјесник“ во Загреб

По долго најавување, конечно започнаа интензивните активности за уривање на облакодерот „Вјесник“. На терен се ангажирани тешка механизација и специјални кранови кои работат на отстранување на делови од конструкцијата, додека приоритет е безбедното отстранување на азбестот од врвот на зградата.

На градилиштето во Загреб веќе се забележуваат големи промени. Багери со дупчалки ги рушат долните катови од северната страна, додека голем кран веќе го подигна специјалниот контејнер до 16-тиот кат. Токму на врвот на облакодерот се наоѓа азбест, кој мора внимателно и изолирано да се отстрани пред да продолжи целосното уривање.

Поради близината на една од најпрометните сообраќајници, покрај северната страна на зградата се поставени бродски контејнери. Оваа заштитна конструкција служи како „штит“ кој треба да спречи евентуално паѓање на делови од фасадата врз подвозникот додека траат градежните работи на висина.

Министерот за просторно уредување и градежништво, Бранко Бачиќ, најави дека пуштањето на сообраќајот под облакодерот се очекува многу брзо, независно од процесот на отстранување на азбестот.

Од ресорното Министерство информираат дека градилиштето е активно секојдневно и дека целиот процес се одвива во строго дефинирани фази.

„Уривањето на облакодерот се изведува етапно, согласно проектната документација. До овој момент се изработени и ревидирани три фази од проектот, при што во третата фаза се обработени сите предуслови за повторно отворање на подвозникот на авенијата Славонска“, соопштија од Министерството.

Облакодерот „Вјесник“ со децении беше еден од симболите на новинарството и архитектурата во Загреб, но по години пропаѓање, неговото отстранување стана неопходно од безбедносни причини.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk