Грчката крајбрежна служба заплени речиси 43 килограми обработена канабис-смола (хашиш), која морето ја исфрли на плажата Плимири во југоисточниот дел на островот Родос. Акцијата била спроведена по прецизна дојава, при што на брегот е пронајден пакет со 40 импровизирани пакувања, популарно познати како „чоколада“, со вкупна тежина од 42,7 килограми.
Според проценките на истражните органи, вредноста на дрогата на црниот пазар изнесува околу 320.000 евра. Истрагата сега е насочена кон откривање на потеклото на пратката, а крајбрежната линија е под засилен надзор поради сомнеж дека брановите може да исфрлат дополнителни количини. Случајот го води Централната пристанишна управа на Родос во соработка со антинаркотичната единица.
Овој инцидент не е изолиран случај; слични заплени беа регистрирани во февруари на Крит, како и пред две години во Ретимно, каде беа пронајдени дури 134 килограми хашиш. Властите сметаат дека Родос е дел од поширока морска рута за шверц, каде пратките често завршуваат на крајбрежјето наместо кај нарачателите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата