Конститутивната седница на собранието во Приштина беше повторно прекината откако лидерот на движењето Самоопределување, Албин Курти, повторно побара дополнително време за разговори со партиските лидери за избор на претседател на институциите.
Ова предизвика незадоволство кај пратениците, а додека Курти одеше од говорницата до своето место, пратеничката на Алијансата Тиме Кадриај фрли јајца кон него, по што пратениците на Самоопределување станаа за да го заштитат.
Претседавачот на седницата, Авни Дехари, потоа го повика обезбедувањето во салата и ја прекина седницата. На почетокот на конститутивната седница, кога се очекуваше да предложи кандидат за претседател на собранието, Курти, како и во четврток, побара дополнително време.
„Сè уште немаме политички договор, па за да избегнеме нови избори, барам дополнително време“, рече тој.
Констутивната седница на собранието беше прекината и во четврток затоа што и Курти побара дополнително време за разговори со опозицијата за избор на претседател.
Рокот за конституирање на собранието истече на полноќ, бидејќи според одлуката на Уставниот суд, конституирањето на собранието мора да се заврши во рок од 30 дена од потврдувањето на резултатите од изборите.
Самоопределување и Демократскиот сојуз на Косово не постигнаа договор за формирање на институциите во изминатите неколку дена.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата