logo
logo
logo

Брутална егзекуција открива дека со популарниот грчки остров Миконос владеат банди (ВИДЕО)

Vecer | 15.10.2024

Брутална егзекуција открива дека со популарниот грчки остров Миконос владеат банди (ВИДЕО)

Панајотис Статис (54) го паркирал автомобилот пред неговата канцеларија во 8 часот и 30 минути, кога до него се нашол маж на мопед, пишува Дејли мејл.

Мажот почнал да пука во возилото на Панајотис, а потоа застанал да го наполни пиштолот и испукал повеќе куршуми. Статис починал на лице место, потпрен на воланот натопен со крв. Убиецот го спакувал пиштолот и си заминал.

Егзекуцијата е снимена од блиската надзорна камера. Се испоставило дека убиството не е поврзано со мафијата која се бори за контрола на улиците на Атина, туку со земја на Миконос, за кое се вели дека е омилена дестинација на холивудските ѕвезди и богатите, со својот тиркизен брег, луксузни вили и фенси клубови.

Локалните жители тврдат дека голем дел од островот е под контрола на грчката мафија, која се обидува да воспостави контрола врз бирократите, инженерите и геодетите вклучени во најексклузивните градежни проекти. Тие наведуваат и дека сакаат да манипулираат со законите за да заработат од профитабилната туристичка индустрија на островот.

Миконос, каде живеат само 10.000 луѓе, само оваа година, во периодот од март до октомври, го посетиле 2,3 милиони туристи. На островот има дури 76 хотели со пет ѕвезди и стотици луксузни вили за изнајмување. За убиството на Статис полицијата уапсила 44-годишен маж поврзан со грчката мафија.

Велат дека убиството било внимателно испланирано со „проби“ пред кобниот ден.

Наводно, убиецот бил снимен пред канцеларијата на Статис 24 часа порано, како и 90 минути пред да биде убиен Статис. Сметаат дека се работи за нарачано убиство, за кое се платени 100.000 евра.

Имено, локален претприемач преговарал со Статис за парцела од три хектари. Статис и неговиот деловен партнер го купиле веднаш до локацијата планирана за изградба на хотелот „Four seasons“ и планирале подоцна да ја продадат на еден претприемач со значителен профит. Документите ги содржат имињата на блиските роднини на Статис.

"Беше многу добар во својата работа, го знаеше секое парче земја на Миконос. Имаше многу влијателни луѓе кои не го сакаа бидејќи им се мешаше во нивните планови", изјавил негов близок пријател за Дејли Меил.

Човекот осомничен за убиството на Статис е поврзан и со киднапирањето на богатиот бизнисмен Перикле Панагопулос во 2009 година, кој е ослободен откако на киднаперите им бил платен откуп од 30 милиони долари.

Христос Веронис, градоначалникот на Миконос, за еден британски таблоид изјавил дека „нема мафија од Миконос, туку грчка мафија која го таргетира нивниот остров, бидејќи знаат дека има пари што треба да се заработат“.

Официјални лица во Атина ветија поактивни интервенции за организираниот криминал со фокус на Миконос.

Обвинителката на Врховниот суд Џорџија Адеилини назначи специјален обвинител кој ќе ги истражува „мафијашките практики“ на островот, за кои се вели дека покриваат градежни дозволи и зделки со земјиште и недвижнини.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk