logo
logo
logo

Бибер: Проблемот е што ЕУ не сфаќа дека власта во Србија е недемократска

Vecer | 16.12.2024

Бибер: Проблемот е што ЕУ не сфаќа дека власта во Србија е недемократска

Професорот од Универзитетот во Грац и експерт за Балканот, Флоријан Бибер денеска, по наводите за употреба на шпионски софтвер во Србија против активистите и новинарите, истакна дека е проблем што демократските влади на земјите-членки на ЕУ сè уште не сфатиле дека Србија има недемократска власт.

Во извештајот на „Амнести интернешенел“ (Amnesty international) се наведува дека српската полиција и разузнавачките служби користат форензичка алатка за извлекување на податоците од мобилните телефони. Алатката е подарок од Норвешка.

- Неразбирливо е тоа што норвешката Влада го поддржува ова, бидејќи уште во 2017 година знаеше дека српската влада не се однесува секогаш демократски односно дека е можна злоупотреба. Знаевме дека српската Влада долго време го користи, минатата година колегите од невладиниот сектор и новинарите забележаа дека се следени, а сега веста е дека српската Влада не ја купила, туку ја добила како дел од подготовката за ЕУ, што е најголема иронија, наведе Бибер.

Тој додаде дека Србија е под контрола на една партија, но европските влади сè уште не го сфатиле тоа.

- Тие сè уште сонуваат или веруваат дека српската Влада има демократска димензија, иако можеби нема да биде иста демократија како во Норвешка, но тие сè уште не се откажале од таа изгубена надеж, што може да се види преку ваквите проекти кои овозможуваат злоупотреба на технологијата, истакна Бибер

Во извештајот на АИ се наведува и дека Агенцијата за безбедност и информации (БИА), користејќи ја израелската технологија „Селебрајт“ (Cellebrite), ги отклучила телефоните на активистите што ги повикала на разговор, а потоа ја вметнувале домашната шпионска програма „Новиспај“ (NoviSpy) во нивните апарати.

БИА денеска објави дека обвинувањата од извештајот на АИ за нејзината работа се „банален сензационализам“ и дека целта на работата на организацијата се рефлектира „во работењето за интересите на одредени агенции и групи за притисок“. /МИА

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk