logo
logo
logo

Барбано: Ја следиме ситуацијата во северно Косово заедно со косовската полиција и КФОР

Vecer | 21.04.2024

Барбано: Ја следиме ситуацијата во северно Косово заедно со косовската полиција и КФОР

 Шефот на мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово (ЕУЛЕКС), Џовани Пјетро Барбано изјави дека оваа мисија ја следи општата безбедносна ситуација околу избирачките места во четирите општини во северно Косово, населени со мнозинско српско население, каде што се гласа за разрешување на сегашните градоначалници, јави дописникот на МИА од Приштина.

Барбано на платформата „Х“ објави дека мониторингот на ЕУЛЕКС се врши во координација со косовската полиција и мисијата на НАТО во земјата, КФОР.

-Во координација со косовската полиција и КФОР, ЕУЛЕКС ја следи општата безбедносна состојба околу избирачките места во четирите општини каде се гласа за смена на градоначалниците, напиша Барбано.

Граѓаните во четирите општини на северот на Косово, Северна Митровица, Лепосавиќ, Зубин-Поток, Звечан, денеска гласаат дали сакаат да ги разрешат актуелните општински градоначалници.

Албанските градоначалници на општините од северот ги добија мандатите во април минатата година на избори кои исто така беа бојкотирани од Србите, со повикот од најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, како и на други субјекти кои ја претставуваат таа заедница.

Судејќи според многу малиот одѕив на гласачите - до 11 часот гласале само 85 од над 44.000 запишани гласачи, повеќе од сигурно е дека овој референдум ќе пропадне.

Според Управното упатство на Владата на Косово, за гласањето да биде успешно, треба да гласаат најмалку 50 отсто плус еден граѓанин. Доколку се исполни овој услов, тогаш вонредните избори ќе се одржат во законските рокови.

Во случај учеството да биде помало од 50 отсто, тогаш гласањето се смета за неуспешно и не може да се преземе друга иницијатива пред да поминат 12 месеци.

Поранешните српски градоначалници на општините поднесоа оставки во ноември 2022 година по одлуката на Владата за промена на српските со косовски регистарски таблички. По неколку месеци, на 23 април 2023 година, се одржаа нови избори на север, но истите беа бојкотирани од Српска листа и од српските граѓани. /МИА

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk