Во Словенија е забележан првиот смртен случај од маларија во последните три децениим пренесува „N1“. Пациентот починал на Клиниката за инфективни болести во Љубљана по компликации предизвикани од оваа опасна тропска болест, додека лекарите предупредуваат на сè поголемиот број тешки случаи кај патниците кои се враќаат од егзотични дестинации.
Само во јануари се примени повеќе пациенти отколку што вообичаено се бележат во текот на цела година. Од вкупно петте заболени пациенти, кај тројца се развила тешка форма на болеста и морале да бидат лекувани на единицата за интензивна нега. Еден од нив починал поради компликации, што претставува прв смртен случај од маларија во Словенија во последните 30 години. Според податоците на Националниот институт за јавно здравје (НИЈЗ), заразените лица престојувале во Руанда, Танзанија и на Занзибар. Инфектологот Тадеја Котар од УКЦ Љубљана смета дека порастот на бројот на случаи е поврзан со зголемениот број туристички патувања, особено на Занзибар, кој во последните години стана многу популарна дестинација меѓу европските туристи.

Лекарите предупредуваат дека многу патници и понатаму ја потценуваат сериозноста на маларијата, иако болеста може да напредува многу брзо и во одредени случаи да заврши со смртен исход. Маларијата е една од најраспространетите тропски заразни болести, а ја предизвикуваат паразити кои се пренесуваат преку убод од заразен комарец. Симптомите најчесто се појавуваат во рок од една до четири недели по заразата, а вклучуваат висока температура, треска, обилно потење, изразен замор и болки во мускулите. Најзагрозени групи се децата, трудниците, постарите лица и лицата со ослабен имунитет.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата