logo
logo
logo

Почнаа градежните работи: ПАТОТ ЕВЗОНИ - СОЛУН КОНЕЧНО ЌЕ СТАНЕ АВТОПАТ!

Vecer | 28.04.2026

Почнаа градежните работи: ПАТОТ ЕВЗОНИ - СОЛУН КОНЕЧНО ЌЕ СТАНЕ АВТОПАТ!

Патот од Евзони до Солун, кој со години важи за еден од најпроблематичните и најопасни во северна Грција, конечно влегува во фаза на проширување и целосна модернизација.

Во последните две децении на оваа делница се регистрирани десетици тешки сообраќајни несреќи, со најмалку 50 загинати и над 100 тешко повредени. Ризикот дополнително го зголемуваат лошата сигнализација, недостигот на осветлување, како и честото движење на земјоделска механизација.

Сега, овој пат ќе биде трансформиран во модерен автопат.

Клучен дел од трасата е правецот Халастра–Поликастро, долг околу 44 километри, кој води кон граничниот премин Евзони – една од најважните копнени точки за влез во Грција од Европа. Делницата е силно оптоварена со сообраќај, но со години функционираше со само една лента по правец, без разделно острово.

Работите веќе се во тек

Градежните активности започнаа во февруари 2026 година, со околу 200 работници и 100 машини на терен. Отворени се три главни градилишта долж трасата.

Според планот, изградбата треба да заврши до 2031 година, но постојат проценки дека проектот може да биде готов и за околу три и пол години, бидејќи теренот е рамен и погоден за работа.

Како ќе изгледа новиот автопат

Модернизацијата предвидува:

- две ленти по правец плус застанувачка лента

- целосно проширување на постојниот пат

- разделување на сообраќајот со централно острово

Покрај тоа, ќе се изврши замена на асфалтот, санација на мостови, поставување нова сигнализација, заштитни огради и подобро осветлување.

Дополнителна инфраструктура

Проектот опфаќа и:

- 16 модерни станици (бензински, ресторани и сервисни зони)

- 12 паркинзи и одморишта

Важност за патниците од регионот

Граничниот премин Евзони е една од најфреквентните точки за влез во Грција, особено за патници од Балканот. Овој пат е клучен за сите што патуваат кон Солун, Халкидики и јужна Грција.

Паралелно се најавува и проширување на самиот премин Евзони, со инвестиција од над 23 милиони евра, со цел да се забрза протокот на возила и патници.

Со реализацијата на овие проекти, делницата која досега важеше за „тесно грло“ ќе прерасне во модерен и безбеден автопат, што значително ќе го олесни патувањето, особено во летната сезона.

Фото и извор: Грчкаинфо

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk