logo
logo
logo

Брнабиќ: Вучиќ не кажа ниту еден лош збор за Шекеринска, срамно е соопштението на СДСМ

Vecer | 16.02.2026

Брнабиќ: Вучиќ не кажа ниту еден лош збор за Шекеринска, срамно е соопштението на СДСМ

Ана Брнабиќ, претседателка на Собранието на Србија и меѓународната секретарка на српската партија СНС, остро реагираше на соопштението на СДСМ во кое се тврди дека српскиот претседател Александар Вучиќ се однесувал навредливо кон новата заменичка генерална секретарка на НАТО Радмила Шекеринска.

Брнабиќ ги нарече обвинувањата „срамни“, барајќи од македонската опозиција да не ги извртува зборовите, но и да не го релативизира кршењето на меѓународното право.

– Сакам јасно да подвлечам дека Александар Вучиќ не кажа ниту еден лош или несоодветен збор за г-ѓа Радмила Шекеринска. Секој што сака и кого го интересира вистината, може да се увери во тоа слушајќи ја снимката од изјавите во Минхен – истакна Брнабиќ.

Таа потенцираше дека Вучиќ е политичар кој најмногу ги почитува жените и како доказ го посочи фактот што тој ја назначил првата жена премиер во историјата на Србија (самата Брнабиќ), за разлика од СДСМ кој, според неа, никогаш не дал таква доверба на жена.

Во својот одговор, Брнабиќ отвори и геополитички теми, обвинувајќи го СДСМ дека се обидува да ја оправда агресијата на НАТО врз СР Југославија.

– Конечно, можно е дека СДСМ сака да нè убеди дека НАТО не извршил агресија и не го прекршил меѓународното право со бомбардирањето на Србија и Црна Гора во 1999 година, иако е тешко да се убеди македонскиот народ во ова бидејќи некои од тие бомби завршиле таму – рече Брнабиќ.

Таа додаде дека е лицемерно да се повикуваат на меѓународното право, а да забораваат како тоа било прекршено кога се поддржала „нелегалната еднострана декларација за независност на дел од територијата на Србија“.

На крајот, Брнабиќ порача дека Србија е единствениот сосед што има исклучиво пријателски односи со Македонија, нема претензии кон нејзиниот суверенитет и секогаш помагала кога земјата била во неволја.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk