Бугарија има нова редовна влада. Парламентот гласаше за составот и структурата на кабинетот „Радев“. „За“ кандидатурата на премиерот и структурата на Министерскиот совет беа 124 пратеници (сите од „Прогресивна Бугарија“), „против“ се изјаснија 70 народни претставници (од ДПС, ПП, ДБ и „Преродба“), а 36 (од ГЕРБ-СДС) беа воздржани. Со два гласа помалку беше изгласан составот на МС. Неколку минути по 11 часот, премиерот, вицепремиерите и министрите дадоа свечена изјава во Народното собрание.
На чело на 107-мата влада на земјата како премиер застанува лидерот на „Прогресивна Бугарија“, Румен Радев. Тој ќе има четворица вицепремиери – Галаб Донев, Атанас Пеканов, Александар Пулев и Иво Петков. Двајца од нив, Петков и Пеканов, ќе бидат без ресор. Претседателот на пратеничката група на „Прогресивна Бугарија“, Петар Витанов, ја претстави кандидатурата на Румен Радев за премиер. Во емотивен говор тој објасни дека со неа се враќа „нормалноста во бугарската политика“, како и поимите - доблест, чест, верба и солидарност.
„Браниме кауза. Оние луѓе кои сме ги бранеле низ годините секогаш биле обесправените и отфрлените, кои со надеж чекаат нов живот. Денес не само што ја претставувам кандидатурата на Румен Радев, туку се надевам дека со неа сиромашните луѓе кои чекаат надеж ќе бидат помалку“, рече тој.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата