Од 28 март 2026 година во Атина официјално започнаа со работа новите AI камери за контрола на сообраќајот, поставени на осум локации и во 10 градски автобуси, а властите најавуваат нивно масовно проширување низ целата земја.
До крајот на годината системот ќе се прошири и во Солун и на Крит, со дополнителни околу 2.000 камери, додека веќе до лето се очекува инсталација на најмалку 1.000 нови уреди.
Ова значи дека Грција влегува во нова ера на автоматизирана контрола, каде прекршоците повеќе не зависат од присуство на полиција.
Системот веќе функционира – испратени се првите 150 казни, директно до возачите преку дигитален систем, на телефон или е-пошта. Камерите автоматски ги регистрираат прекршоците, како поминување на црвено светло, по што следи обработка и испраќање на казната без одложување.
Во тест-фазата во јануари биле регистрирани дури 40.000 сериозни прекршоци, а само една камера на булеварот „Месогеон“ евидентирала 28.000 минувања на црвено светло.

Новите AI камери имаат напредни можности и можат да препознаат:
регистарска табличка
марка на возило
модел
боја
Најчестите прекршоци за кои веќе се изрекуваат казни се поминување на црвено светло и неносење кацига, но системот опфаќа и поширок спектар на прекршоци.
Камерите веќе се поставени на клучни раскрсници во регионот Атика, вклучувајќи делови од централна Атина и неколку околни општини.
Властите порачуваат дека целта не е казнување по секоја цена, туку зголемување на безбедноста во сообраќајот, особено со оглед на тоа што Грција важи за една од помалку безбедните земји за возење во Европа.
За туристите, вклучително и оние од регионот, пораката е јасна: прекршокот повеќе не мора да го види полиција за да биде санкциониран – доволно е камерата да го регистрира.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата