logo
logo
logo

ДВЕ МИНУТИ И ЕДНА СЕКУНДА ЛАДНОКРВНОСТ Пресудите за родителите ја отворија црната кутија на масакрот во „Рибникар“

Vecer | 19.06.2026

ДВЕ МИНУТИ И ЕДНА СЕКУНДА ЛАДНОКРВНОСТ Пресудите за родителите ја отворија црната кутија на масакрот во „Рибникар“

Вишиот суд во Белград им изрече пресуди на родителите на момчето-убиец од ОУ „Владислав Рибникар“. Таткото Владимир Кецмановиќ е осуден на 14 години и шест месеци затвор, додека мајката Милјана Кецмановиќ доби две години и 11 месеци затвор.

Претседателот на судскиот совет, образложувајќи ја пресудата, ја изнесе досега најдеталната и длабоко вознемирувачка хронологија на злосторството кое траело точно две минути и една секунда, пишува Блиц.

Планирањето на незапаметениот масакр почнало две до три недели претходно, кога момчето на своето биро составило список со имиња на деца и направило скица од училиштето. Но, вистинскиот хаос започнал во пресрет на самиот напад.

Камери во станот и болни интернет пребарувања

Додека било само во станот, момчето ставило столче пред плакарот со оружје. Забележувајќи ја надзорната камера во станот, која неговиот татко во тој момент ја контролирал преку мобилна апликација, се насмевнало, ѝ мавналo, а потоа ја покрило со маица. Од плакарот зело два пиштоли и 92 куршуми.

Околу 2 или 3 часот по полноќ, во бањата почнало да прави Молотови коктели за со нив да ги блокира вратите од училницата и да спречи кој било да интервенира.

Помеѓу овие активности, на интернет френетично пребарувало поими кои јасно го отсликуваат неговиот профил, но и плановите. Истражувало дали Србија воведува доживотен затвор и дали некако може да се отвори бравата на пиштолот, а историјата на пребарување открила и фасцинација од сопствената психа.

Имено, во пребарувачот внесувало поими како „комплекс на пониска вредност“, „антисоцијално однесување кај децата“ и „ревидиран портрет на психопат“, а едно од најморничавите прашања што ги поставило гласело: „Сакам животни, дали и понатаму можам да бидам психопат?“.

СМС порака од мајката и почеток на масакрот

Утрото во 8:00 часот, мајката заминала од станот со сестрата на момчето, оставајќи го синот сам. Момчето тогаш направило морничава фотографија: на тепихот ги подредило двата пиштола, рамките со муниција и четирите Молотови коктели, а потоа ја репетирало чешката зброевка и сè спакувало во ранецот.

Во 8:31 часот мајката му испраќа СМС порака: „Успеа ли да стигнеш на час?“.

Само две минути подоцна, во 8:33 часот, момчето со ранецот влегува во училишниот ходник. Најпрво неколку минути разговарало со училишниот чувар Драган Влаховиќ. Во моментот кога чуварот му свртел грб, момчето го извадило пиштолот и го испукало првиот куршум. Откако ги убило чуварот и три девојчиња во предворјето, влегло во кабинетот по историја. Од вкупно 66 испукани куршуми, жртвите ги погодило со неверојатна прецизност од 75 отсто. Во самата училница испукало најмалку 45 куршуми.

„Се јавив бидејќи сум психопат“

Откако преку прозорецот од училницата излегло во училишниот двор, седнало покрај едно дрво, се држело за лицето околу една минута, а потоа само ја повикало полицијата.

За време на разговорот, на операторот му кажало дека го зело пиштолот на татко му и дека пукало во училиштето. На прашањето зошто го направило тоа, одговорило: „Затоа што сум психопат“.

Додало и дека ја викнало полицијата бидејќи сметало дека тоа е правилно, но и затоа што се исплашило дека некој во тој хаос би можел да го повреди или убие.

Обвинителството веќе најави жалба бидејќи бара уште повисоки затворски казни за родителите.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk