Грчките царински служби на Независната управа за јавни приходи (ААДЕ) открија и запленија вкупно 1.296 боци илегален фреон при контрола на два камиона на граничните премини Дојран (кон Македонија) и Кипи (кон Турција). Избегнатите царини и даноци за двата случаи се проценуваат на над 338.000 евра, јавува дописничката на МИА од Атина.
Запленувањето се случило за време на засилените контроли за сузбивање на шверцот и заштита на животната средина.
На граничниот премин Дојран, во раните утрински часови, при контрола на наводно празен товарен контејнер со македонски регистарски таблички, цариниците пронашле специјално изработена двојна преграда. Во неа биле сокриени 296 боци забранета разладна течност од типот R134a, за кои заштедата на давачки и даноци изнесува околу 55.000 евра.

Речиси истовремено, на граничниот премин Кипи кон Турција, биле пронајдени уште 1.000 боци фреон од типот R404A. Овој опасен товар бил внимателно скриен под редовно пријавената пратка од гипс-картонски плочи во камион со турски таблички.
Увозот на овие разладни гасови во Европската Унија е строго забранет. Вкупната пазарна вредност на илегалниот товар од Турција се проценува на 884.400 евра, а избегнатите давачки за него изнесуваат дополнителни 283.538 евра.
Од ААДЕ соопштија дека нелегалниот фреон и возилата се целосно запленети, а против одговорните лица се покренати соодветни законски постапки.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата