Европската комисија сè уште врши проценка дали Србија ги исполнува условите за користење на финансиските инструменти на ЕУ, стои во одговорот доставен до Танјуг. Оваа реакција доаѓа по изјавата на комесарката за проширување, Марта Кос, која најави дека финансиската поддршка за Србија е прекината поради сетот правосудни закони кои неодамна беа усвоени во српското Собрание, пренесува Танјуг.
Од Комисијата појаснуваат дека постојано се следи дали земјите кандидати, како Србија, ги исполнуваат релевантните услови за поддршка. Во тој контекст, Брисел посебно ќе разгледа дали се имплементирани препораките на Венецијанската комисија.
Мислењето на Венецијанската комисија е оценето како „многу јасно“, особено во делот на измените на законите што го регулираат судството и обвинителството, усвоени во јануари годинава. Оваа проценка е во целосна согласност со ставовите на Европската комисија, која инсистира на целосно усогласување на правосудниот систем со европските стандарди пред да се продолжат исплатите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата