Грчката влада започнува голема уставна реформа со која се предлагаат измени на околу 30 членови од Уставот, а во центарот на вниманието се вештачката интелигенција (АИ), судството, даночниот систем и државната администрација.
Пратениците од владејачката Нова демократија веќе ги добиле предлозите, а премиерот Кирјакос Мицотакис нагласува дека целта е државата институционално да се прилагоди на современите технолошки и општествени предизвици. Посебен фокус е ставен на вештачката интелигенција, каде се предлага уставно гарантирање на заштита на граѓаните од можните негативни последици од нејзината примена.
„Нашата партија и јас лично со години зборуваме за вештачката интелигенција. Сега имаме смел предлог како уставно да се гарантира заштита на граѓаните“, изјави Мицотакис.
Меѓу клучните предложени измени се забрана за ретроактивни даноци, реформа на оценувањето на државните службеници, шестгодишен мандат за претседателот, ограничување на улогата на парламентот во истраги против министри, како и промени во начинот на избор на судското раководство. Се предлага и проширување на гласањето по пошта, како и намалување на старосната граница за кандидирање на избори од 25 на 21 година.
За усвојување на уставни измени во Грција е потребно двотретинско мнозинство, односно најмалку 200 пратеници. Бидејќи Нова демократија има 156 мандати, власта ќе мора да обезбеди поддршка и од опозицијата. Мицотакис порача дека неговата партија не е само симбол на стабилност, туку и политичка сила способна да спроведе длабоки реформи и институционални промени до 2030 година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата