Со едногласна заедничка одлука на истражниот судија и јавниот обвинител, на македонскиот државјанин, кој ја уби 45-годишната жена на Крит и го призна убиството, денеска му беше одредена мерка притвор, јави дописничката на МИА од Атина.
Убиството беше извршено на денот кога исчезна жената, на 30 мај годинава, но беше расветлено минатата недела, кога 43-годишниот македонски државјанин, потстанар во нејзината куќа, беше главниот осомничен со оглед на тоа што бил и последниот кој ја видел, а во неделата, во предистражната постапка, го призна убиството.
Се товари за кривичното дело убиство со умисла и денеска беше изведен пред истражен судија и јавен обвините во градот Ханија на Крит, а според медиумите од островот, во неговиот исказ му се извинил на семејството на убиената и рекол дека сè се случило по расправија со жртвата и без претходно да го има испланирано делото.
Македонскиот државјанин ќе остане во притвор до судењето.
Како што веќе објави МИА во неделата, станува збор за 43-годишниот М.Л. со македонски пасош, кој повеќе години живее и работи на Крит, а во изминатите четири години изнајмувал стан во сопственост на убиената жена.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата