Превозниците од Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина денеска ќе испратат заедничко писмо до Европската комисија со барање најдоцна до 10 август да биде понудено прифатливо решение за проблемот со ограничувањето на престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната- пишува Еуроњуз.
Одлуката е донесена на состанокот на транспортните здруженија од четирите земји, од каде најавуваат дека писмото ќе биде доставено и до владите, стопанските комори и извозните компании во регионот, со цел да се засилат притисоците за побрзо решавање на проблемот.

Претседателот на српското Здружение за меѓународен транспорт, Неџо Мандиќ, изјави дека превозниците засега нема да преземаат радикални чекори, но очекуваат Европската комисија до 10 август да понуди барем привремено решение кое ќе им овозможи на професионалните возачи непречено да ја вршат својата работа.
Според него, проблемот дополнително се продлабочил по проширувањето на Шенген-зоната со Хрватска, Романија и Бугарија, бидејќи возачите од Западен Балкан речиси целото работно време го минуваат во земји од Шенген, иако таму не престојуваат како туристи.
-Не може транзитот да се смета за престој. Возачите најголем дел од времето го поминуваат во камионите или на паркинзи за задолжителен одмор, но тие денови сепак се пресметуваат во ограничувањето од 90 дена – посочи Мандиќ.
Тој најави дека доколку до 10 август не биде постигнат договор со Европската комисија, превозниците ќе одржат нов состанок на кој ќе бидат разгледани конкретни мерки, без да открие какви би биле тие.

Од здружението „Макам-транс“ објаснуваат дека 10 август е клучен датум бидејќи тогаш повторно ќе почне да тече рокот од 90 дена за престој на возачите во Шенген, откако Европската комисија на 10 април привремено им ги ресетираше деновите на сите професионални возачи.
Билјана Муратовска, генерален секретар на „Макам-транс“, предупредува дека по тој датум повторно може да се појават истите проблеми – опомени, забрани за влез и депортации на возачи кои ќе го надминат дозволениот престој.
Во меѓувреме, Министерството за транспорт води билатерални разговори со повеќе земји членки на ЕУ. Хрватска веќе најави законски измени што треба да им помогнат на странските професионални возачи, а разговори се водат и со Романија, Австрија и други држави. Сепак, превозниците сметаат дека тоа не е доволно и бараат единствено решение кое ќе важи за сите 33 земји од Шенген-зоната.
Според нивните анализи, сегашното правило според кое државјаните на трети земји можат да престојуваат најмногу 90 дена во период од 180 дена не е прилагодено на спецификите на меѓународниот транспорт. За непречено извршување на работата, на професионалните возачи им се потребни околу 130 работни дена во рамките на шестмесечен период.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата