logo
logo
logo

Црногорскиот премиер најави оставка доколку до година просечната плата не биде 1.000 евра

Vecer | 10.02.2024

Црногорскиот премиер најави оставка доколку до година просечната плата не биде 1.000 евра

„Пишете каде сакате, снимете го ветувањето пред камери, апсолутно ќе поднесам оставка ако за една година просечната плата во Црна Гора не биде илјада евра, а минималната 700“, изјави денеска  црногорскиот премиер Милојко Спајиќ на прес-конференција по повод стоте дена од неговата влада.

Ова е предизборното ветување на популистичкото движење „Европа сега“ на Спајиќ, кое го доведе до победа на парламентарните избори во средината на минатата година.

Спајиќ рече дека во првите сто дена неговата влада го зачувала угледот и стабилноста на финансискиот систем и економијата на Црна Гора.

„Сè што беше ветено ќе се исполни до последно“, посочи црногорскиот премиер.

Одговарајќи на критиките дека сака да го исполни своето ветување со укинување на пензискиот фонд, тој тврди дека фондот ќе продолжи да постои.

„Фондот на ПИО никогаш нема да се укине, како што не е укинат ниту фондот за здравство. Постои и има рекорден буџет. Две години се зборуваше за колапс на здравството, дека нема да имаме болници, сите бевме сведоци на таа приказна. Сега имаме половина милијарда во буџетот за здравство“, рече Спајиќ.

Спајиќ, додека беше министер за финансии во владата на Здравко Кривокапиќ, го дизајнираше проектот Европа сега, со кој минималната плата во Црна Гора ја зголеми од 222 на 450 евра во јануари 2022 година.

Шефот на претставничкиот клуб на најсилната опозициска партија, Демократската партија на социјалистите (ДПС), Андрија Николиќ оцени дека владата на Спајиќ е затвореник на лидерот на коалицијата „За иднината на Црна Гора“, на четнички војвода Андрија Мандиќ. .

„Безбедносниот сектор е жртва на партиски борби за превласт“, ​​рече Николиќ и тврди дека нема ништо да се добие од економските ветувања на премиерот Спајиќ.

„Оставката на Спајиќ нема да ни значи ништо доколку Црна Гора доживее колапс на јавните финансии како што предвидуваат некои финансиски институции“, рече Николиќ.

Во таа партија сметаат дека црногорските граѓани биле измамени со предизборни ветувања и „лудиот популизам“, а животниот стандард на црногорските граѓани е паднат, а нивната куповна моќ се намалува.

Владата на Спајиќ беше формирана во последните денови од октомври минатата година благодарение на поддршката на просрпската и проруската десничарска коалиција „За иднината на Црна Гора“, чиј лидер Андрија Мандиќ стана претседател на црногорскиот парламент.

Мандиќ веднаш откако седна во фотелјата на првиот човек на собранието на Црна Гора, во неговиот кабинет, покрај знамето на Црна Гора и на ЕУ, го воведе и српското знаме.

Од неговите кругови има сѐ посилен притисок претставниците на таа опција да влезат во владата на Спајиќ пред крајот на годината, како што е предвидено во коалицискиот договор на владејачкото мнозинство.

Спајиќ засега ги одбива ваквите барања.

Во своето последно интервју за Телевизија на Црна Гора, Спајиќ изненади многумина кога рече дека за време на реконструкцијата на крајот на годината, одредени опозициски партии, како што се Бошњачката партија и некои од процрногорските партии, би можеле да добијат места во владата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MEDIANET LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk