Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја посети Грција во обид да ги поправи заладените односи меѓу соседните сојузници во НАТО и да воведе, како што рече, „нова ера“ во односите по долгогодишно непријателство.
Да потсетиме, Грција и Турција со децении се судираат за бројни прашања, меѓу кои и каде почнуваат и завршуваат нивните континентални појаси, но и околу енергетските ресурси, преминувањето на Егејското Море, етнички поделениот Кипар...
Сепак, оваа недела двете земји потпишаа заедничка декларација за продолжување на добрососедските односи.
„Географијата и историјата диктираа да живееме во исто соседство... повремено во конфликт. Но, чувствувам историска одговорност да ја искористам оваа можност да бидам блиску како нашите граници“, рече грчкиот премиер Киријакос Мицотакис по средбата со Ердоган.
Претходно, Ердоган и рече на грчката претседателка Катерина Сакеларопулу:
„Верувам дека турско-грчката стратешка соработка ќе доведе до нова ера во односите. Треба да бидеме оптимисти и овој оптимизам ќе биде плоден во иднина“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата