Портпаролот на семејството потврди дека починатите се Рајнер и неговата сопруга Мишел. Полицијата се сомнева во убиство.
Портпаролот на семејството Рајнер доцна во неделата изјави дека Мишел и Роб Рајнер починале, опишувајќи ја загубата како „трагична“ и барајќи приватност додека роднините тагуваат.
„Со длабока тага ја објавуваме трагичната смрт на Мишел и Роб Рајнер. Скршени сме од оваа ненадејна загуба и ве молиме за приватност во овој неверојатно тежок период“, изјави портпаролот.
Според Си-Ен-Ен, повикувајќи се на полициски извор, член на семејството на Рајнер пронашол две лица мртви во куќата.

Во моментов нема информации за причината за смртта, изјави истиот извор. Детективите за убиства од Полициската управа на Лос Анџелес се на местото на настанот и истражуваат домот на холивудскиот режисер Роб Рајнер, потврди полициски извор за Си-Ен-Ен.

Противпожарната служба на Лос Анџелес добила повик за медицинска итна помош во 15:38 часот по локално време и пронашла 78-годишен маж и 67-годишна жена мртви на местото на настанот, изјави портпарол на одделот.

Иако повеќето медиуми се селективни во начинот на кој пристапуваат кон темата и се внимателни во врска со информациите што ги објавуваат, потпирајќи се на полициски извори и официјални изјави, списанието „Пипл“ објавува тврдења дека холивудската двојка била убиена од нивниот син Ник Рајнер.
Тие цитираат „неколку извори кои разговарале со семејството“ без понатамошно објаснување.
Ник Рајнер (32) е испрашуван од полицијата, но засега не е обвинет, ниту полицијата сакала воопшто да коментира за наводите на списанието „Пипл“, додека повеќето медиуми исто така избегнуваат да ги споменуваат овие инсинуации.

Рајнер е познат како режисер на култни филмови како што се „Кога Хари ја запозна Сали“, „Неколку добри луѓе“, „Мизерија“, „Невестата принцеза“, „Остани покрај мене“... Како актер, се појавил во дури 90 различни продукции.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата