Американската глумица ја има главната улога во „Кристи“ - биографски филм за легендарната боксерка Кристи Мартин, улога за којашто ѝ требаше интензивна физичка подготовка. А, како дел од промоциите за филмот, списанието ја избра актерката за насловница со боксерска тематика што ги истакнува силата, дисциплината и атлетскиот фокус што таа го прифатила додека тренирала за филмот, се вели во написот.
На сликата, Свини седи во агол од боксерски ринг облечена во бела маичка, црвени ракавици и боксерски куси панталони со американското знаме. Нејзината коса е разбушавена, а хероината од вистинскиот живот - Кристи Мартин стои зад неа во соодветна атлетска опрема, како тренер, потпирајќи ја раката на рамото на Свини и нагласувајќи ја така нивната поврзаност преку филмот.
Насловницата собра и позитивни, но и негативни критики. Дебатата на интернет околу „кинематографското“ деколте на глумицата коешто според мнозина е нереален приказ на светот на боксот, и за други детали, продолжува, но и оваа насловна страница со Свини покажува како една слика може да предизвика возбуда и долги интернет-натегања околу кој било филм.
Просечната оценка на ИМДБ засега е 6,1 /10, од вкупно над 9.700 гледачи кои го оцениле филмот. На „Ротен томатос“, го препорачуваат 67 отсто од критичарите, и 96 отсто од гледачите во кино и пред малите екрани. Но, и покрај буџетот од 15 милиони долари, филмот досега заработи едвај 2,09 милиони.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата