На премиерата на филмот „Гаранс“ (Garans) на 79. Кански фестивал, Бела Хадид се појави во елегантно издание кое ги воодушеви присутните и модните критичари.
Кога Бела Хадид ќе се појави на црвениот тепих, речиси е невозможно да остане незабележана. Така беше и на 79. издание на Канскиот фестивал, каде што славната манекенка уште еднаш привлече огромно внимание и го потврди статусот на една од највпечатливите ѕвезди на фестивалот.
За гламурозната вечер на Азурниот Брег, таа одбра софистициран бел сатенски фустан од модната куќа „Прада“ (Prada). Минималистичкиот крој беше збогатен со дискретни светкави детали околу деколтето, додека преку рамената ноншалантно носеше лесна наметка во истата нијанса, со што дополнително ја нагласи отменоста на целиот стајлинг.
Изгледот го надополни со класични бели салонки, елегантна пунџа и луксузен накит од брендот „Шопар“ (Chopard), поради што многумина ги потсети на филмските диви од златното доба на францускиот гламур.
Провокативни изданија
Сепак, иако оваа година одбра многу сведена и елегантна комбинација, Бела за време на претходните појавувања во Кан често беше во центарот на вниманието поради провокативните модни избори.
Посебно се памети нејзиното издание од 2016 година, кога во впечатлив црвен фустан со длабоко деколте и висок шлиц предизвика огромна бура во јавноста и практично го покрена трендот на таканаречените „голи фустани“.
Веќе следната година повторно предизвика реакции во јавноста со смелиот стајлинг кој откриваше повеќе отколку што се очекуваше за ваков настан, а дополнително внимание привлече фактот што тогаш прошета на црвениот тепих со својот татко.
Поради сè почестите провокативни модни изданија на познатите гости, организаторите на Канскиот фестивал одлучија да ги поострат правилата за облекување. Така, од минатата година беше воведен построг дрес-код со кој се ограничени премногу предизвикувачките и оскудни модни комбинации на црвениот тепих.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата