Одлична музика, полна сала, многу хитови, колеги... вака некако би се опишала прославата по повод големиот јубилеј на Дрим тим. Бендот кој годинава одбележува 25 години опстојување на домашната музичка сцена синоќа со голем концерт во Македонскиот народен театар го прослави јубилејот и на присутните им понуди вистинско музичко патување низ кариерата која почна во далечната 1999 година, во која можеби скромните почетоци се претворија во буквар што треба да го прочитаат сите идни бендови. Без скандали, драми ... исклучиво со музицирање Дрим тим дојдоа на врвот и се вистински музички репрезент и пример кога е во прашање домашната фолк музика.
На сцената на МНТ сношти се пееше сѐ, и старо и ново, видовме колеги и од светот на забавната и од светот на фолк музиката, а во публиката која ја исполни салата до последното месо на крајот имаше само задоволни лица.
Присутните имаа можност да чујат дел од опусот на Дрим тим, но и песни од нивни колеги, така на сцената се слушнаа од „Песна за дрим тим“, „Бисера“, „Розо моја“, „Има ли песна“... до инструменталните дела создадени од овие врвни музичари, а освен сегашната постава составена од Дејан Николовски – Чуле (вокал), Никола Коцев (труба), Димитар Митровски (хармоника), Александар Ангелов (кларинет/сакс), Ангел Ќосев (клавијатура) и Гоце Илиоски (тапани) покрај нив застанаа и поранешните членови како Маријан Коцев, но и Сузана Гавазова, Гоце – Синтезис, Влатко Лозановски, Благоја Грујовски и Ибуш Ибраимовски, кој стана од публиката и заедно со Чуле ја запеа вонвременската „Розо моја“.
Вечер за уживање, вечер на убава македонска музика, вечер која треба да е пример и охрабрување за домашните музички имиња да го следат примерот на Дрим тим затоа што само така домашната музика ќе го задржи своето место кај публиката.
Нека е честит јубилејот и нека се множат и успеси и хитови!
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата