logo
logo
logo

Свадба или филмска продукција: КАКО ДА ПРЕЖИВЕЕТЕ СОПСТВЕН „РИЛС“?

Vecer | 01.05.2026

Свадба или филмска продукција: КАКО ДА ПРЕЖИВЕЕТЕ СОПСТВЕН „РИЛС“?

Некогаш свадбите беа настан каде двајца луѓе се сакаат, а семејството се собира за да ја сподели радоста со младенците. Денес, тоа е само споредна активност. Главниот настан е Инстаграм проектот, каде младенците се статисти во сопствениот високобуџетен филм.

Венчаницата не се избира за невестата да биде убава, туку за да „грми“ во забавено видео. Тортата повеќе не е десерт, туку сценографија која се сече со хируршка прецизност за да не се расипе кадарот. Дури и првиот танц веќе не е интимен момент, туку содржина што мора да го задоволи алгоритмот. Ако бабата заплаче во позадина, тоа е супер, ама само ако е во фокус и со добар филтер.

Невестата денес има покомплексен „moodboard“ од холивудски продуцент. Таа не се прашува: „Дали ми е удобно?“, туку „дали ова ќе изгледа доволно скапо на фотографија?“. Ако некоја друга веќе го објавила истиот декор, свадбата веднаш се прогласува за неуспех. Притисокот е огромен – салата мора да има „вау“ ефект, дури и ако гостите немаат каде да се свртат од цвеќиња и стативи.

Проблемот на „Инстаграм-свадбите“ е што убавината стана поважна од чувството. Невестите се толку загрижени дали велот паднал под агол од 45 степени, што забораваат дека всушност се мажат. Гостите, наместо да честитаат, прво го вадат телефонот за да го фатат моментот, кој на крајот никој не го доживува во живо, туку само низ екран.

На крајот, фотографиите ќе останат во некој облак на интернет. Но, тажно е ако свадбата изгледала подобро на социјалните мрежи отколку што навистина била во сала. Совршениот кадар може да собере лајкови, но несовршениот, спонтан момент е тој што всушност вреди да се доживее. Инстаграм треба да биде албум, а не сценарио за вашиот живот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk