Грабежот во Лувр го инспирираше модниот дизајнер Скијапарели
Дизајнерот на модната куќа Schiaparelli, Даниел Роузбери, претстави колекција инспирирана од накитот украден од Лувр минатиот октомври, на Неделата на високата мода во Париз на 26 јануари. Неговиот најнов дизајн на накит е раскошна рекреација на дијамантите што исчезнаа во грабежот и до денес не се пронајдени.
„Се враќав дома од канцеларија веднаш по кражбата на накитот од Лувр“, изјави Роузбери (41) за Vanity Fair. „И си помислив – зар не би било убаво повторно да се замисли украдениот накит од Лувр?“
Филмски грабеж за седум минути
Инспирацијата за колекцијата потекнува од грабежот што се случи на 19 октомври, кога четворица маскирани провалници украдоа девет парчиња накит, проценети на околу 102 милиони долари, од галеријата Аполо во Лувр. Целата операција траела само седум минути, а непроценливите ѓердани, тијари и брошеви сè уште не се пронајдени. Властите потврдија дека ниту еден вработен во музејот не бил повреден за време на инцидентот.
Рекреација на царското богатство
Меѓу украдените предмети имало и ѓердан од смарагди и дијаманти со соодветни обетки, подарок од Наполеон Бонапарта за неговата сопруга Марија Луиза, како и сафирен ѓердан наменет за неговата посвоена ќерка Хортензија. Исчезнале и две круни на царицата Еженија, сопруга на Наполеон III од 19 век.
За својата колекција, Роузбери, кој е на чело на Schiaparelli од 2019 година, повторно ја замислил една од тијарите, давајќи ѝ, како што вели, „повеќе тридимензионалност“.
Бесот и радоста како двигатели
На прашањето што ја инспирирало колекцијата пролет/лето 2026, дизајнерот откри дека барал одговори на две клучни прашања.
„Како изгледа бесот кога се користи за создавање убавина?“ – се прашувал Роузбери за време на креативниот процес. Второто прашање било: „Како изгледа радоста и од каде доаѓа?“
Тој додаде: „Лутината е голем дел од ова, но сакав да ја претворам во нешто инспиративно.“
За Роузбери, преземањето ризик е клучен дел од создавањето. „Се чини дека е вистинско време да се направи нешто исклучително моќно“, објасни тој. „Последните неколку сезони беа дисциплинирани, пригушени и многу контролирани, а овој пат сакав малку да се истакнам и едноставно да се забавувам.“
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата