Ме фаќа желба и потреба да поставам претстава тука, Скопје и Македонија е некој мој простор. Доста се напатував, доста различни работи видов, вели македонскиот театарски режисер Александар Поповски кој со „Амадеус“ на Словенечко народно гледалишче од Марибор утре, на први април во 20 часот гостува на сцената на Македонскиот народен театар (МНТ). Гостувањето е во рамките на ронденското одблежуање на 81 година од МНТ.
Значи, прво со Кимо (Никола Кимовски, директор на МНТ, н.з.) стварно нè врзува убава работа од порано и доста долго се познаваме. Тој разговор е започнат и јас сакам да работам овде. Навистина помина доста време, дојдена е една цела нова генерација. Скопје и Македонија е некој мој простор. Доста се напатував, доста различни работи видов и едноставно ме фаќа некаква и желба и потреба да поставам на сцена тука, изјави на денешната прес-конфренција во МНТ Поповски на новинарско прашање кога ќе режира претстава во Македонија.
Поповски кажа дека со директорот на МНТ веќе разговарале на таа тема.
Малку зборуваме за тоа, да речеме, наслов на некоја тема за којашто би сакал да зборуваме е носталгија. Па ќе видиме што ќе биде од тоа, кажа Поповски.
„Животот на Молиер“, чија премиера беше во 2012 година е последна претстава која меѓународно признаетиот режисер Поповски ја режирал во МНТ, а воедно тоа е единствената претстава која се игра во Националниот театар во новиот објект, а премиерата беше во стариот објект на МНТ.
Поповски во последните осум години работи во Словенија, во Словенечко народно гледалишче од Марибор каде што е уметнички директор и го одработува вториот мандат на оваа фукнција. На прес-конфренцијата во Скопје говорше за тоа искуство во Марибор и како таму функционира Словенечко народно гледалишче.
- Тоа беше голем предизвик затоа што јас сум цел живот сум бил слободен уметник. И кога дојдов таму, требаше да го научам тој многу голем систем. Мариборскиот театар е составен од опера, балет и драма. И кога дојдов таму сфатив дека не може баш така да биде и дека постојат законитости на таа куќа. Е сега, за да некој ги држи сите тие животни од циркусот, од опера, од балет, од оркестар, од техника, треба стварно да биде човек којшто има и снага и моќ, а и благост и добрина. Еве Данило, фала богу, ги има сите елементи за да може да ги води, затоа што ние сме сите кој од кој. Значи, секој сака да влече на некаква своја страна, а и претходно во театарот постоела нееднаквост во смисла дали се форсира операта, дали се форсира драмата. Сега кај нас е сите имаме подеднаква вредност.Да речеме, нашата опера е нешто што Љубљана ја нема, го нема квалитетот на нашата опера. Многу луѓе од Австрија, од Грац, доаѓаат да ги гледаат нашите оперски претстави. Балетот ни е па на светско ниво. Значи, тоа е една повеќесложна организација од којашто јас, се разбира, водам тој еден дел и имам и свои драматурзи со коишто го изработуваме концептот и планот. Она што го научив, а тоа е да планирам две-три години однапред, затоа што сите термини мораме да ги договориме однапред. Така што, беше некое ново искуство за мене, кажа денеска Поповски на средбата со новинарите во Скопје.
Поповски во Македонија режирал поголем број претстави, од кои најпознати се: „Туку така, под облака“, „Циркус Принтимпрам“ на Данил Хармс, „Маме му ебам кој прв почна“ на Дејан Дуковски, „Дон Жуан“ на Молиер, „Три сестри“ на Чехов, „Балканот не е мртов“ на Дејан Дуковски, „Диво месо“ на Горан Стефановски, „Животот на Молиер“ на Булгаков во 2012 на сцената на МНТ.
Поповски режирал и во театрите во Хрватска. Така, на 7 март 2014 година, во загрепскиот сатиричен театар „Керемпух“, Поповски ја поставил претставата „Да живее Хармс. Чудата постојат“, работена според избор од дела на Данил Хармс. На сцената на Градскиот театар „Гавела“ ги режирал и претставите „Сон на летната ноќ“ на Шекспир и „Ричард Трети“ на Шекспир, со која гостуваше во Скопје на Скопско лето.
Во театрите во Словенија на 16 октомври 2014 година, на сцената на „Словенско народно гледалишче“ во Љубљана, Поповски ја поставил драмата на Горан Стефановски „Figurea Veneris Historiae“, а на истата сцена ја поставил и претставата „Брод за кукли“ на Милена Марковиќ. На 8 март 2018 година, на сцената на „Месно гледалиште љубљанско“, Поповски ја поставил претставата „Дантоновата смрт“ на Бихнер.
Во театрите во Србија ги режирал претставите: „Алиса во земјата на чудата“ на Билјана Србљановиќ (на сцената на „Југослеовнско драмско позориште“), „Метаморфози“ и „Кандид или оптимизам“ на Волтер (Југословенско драмско позориште).
Поповски ја режирал и претставата „Градители на империјата или Шмурц“, во изведба на театарот „Хајал Пердеси“ од Истанбул, која на 4 ноември 2014 година била прикажана на фестивалот „Скупи-фест“ во Скопје. Во Берлин ја режирал драмата „Три сестри“ по мотивите на Чехов чија претходна верзија била прикажана на фестивалот во Авињон, во 2016 година. Исто така, Поповски ја режирал претставата „Одисеј“, според текстот на Горан Стефановски, а во копродукција на театрите: „Гавела“ и „Улис“ од Загреб, „Српско народно позориште“ и „Стеријино позорје“ од Нови Сад, „Словенско младинско гледалишче“ од Марибор, „Ателје 212“ од Белград и „Навигаторот Цветко“ од Скопје. Оваа претстава ја добила главната награда на средоземниот театарски фестивал „Пургаторија“ во Тиват.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата