Поп-пејачката, чија победничка песна „Wildflower“ се наоѓа на нејзиниот албум „Hit Me Hard And Soft“, во својот победнички говор во Лос Анџелес ги повика луѓето да продолжат да протестираат против политиката на државата. На сцената ѝ се придружи нејзиниот брат Финеас, при што двајцата носеа значки „IСЕ out“ (ИЦЕ Надвор).
- Ви благодарам многу, не можам да верувам во ова. Сите други во оваа категорија се толку неверојатни. Ве сакам многу. Се чувствувам толку почестена секојпат кога сум во оваа просторија и колку и да се чувствувам благодарна, искрено не чувствувам дека треба да кажам нешто, освен... Никој не е нелегален на украдена земја... Навистина е тешко да се знае што да се каже и што да се направи во овој миг, и едноставно, се чувствувам навистина надежно во оваа просторија и чувствувам дека само треба да продолжиме да се бориме. Да зборуваме и да протестираме. Оти нашите гласови се навистина важни, и луѓето се важни, рече Ајлиш на сцената.
И поп-пејачка Оливија Дин застана во одбрана на доселениците во САД. Емоционално по освојувањето на наградата за нов уметник, таа изјави:
- Ви благодарам, никогаш не замислував дека ќе бидам тука горе, а камоли номинирана, па ви благодарам многу, само сакам да кажам дека уметникот е навистина ништо без неговиот тим... Претпоставувам дека сакам да кажам, јас сум тука горе како внука на имигрант, па (да не беше имиграцијата) не би била тука. Да, јас сум производ на храброста и мислам дека тие луѓе заслужуваат да бидат славени, па да, ние сме ништо еден без друг. Ви благодарам многу, ве сакам, ви благодарам многу!
Нивните коментари се во контекст на протестот на уметниците против распоредувањето на службениците на американската Служба за имиграција и царина (ИЦЕ) во американските градови.
И колумбиската пејачка и текстописец Карол Џи, која беше номинирана за нејзиниот албум „Tropicoqueta“ во категоријата најдобра латино-поп, се надоврза на критиките.
- Нашата заедница овде во САД минува низ многу лоши и тешки работи, и само за да биде глас, само за да биде претставник, само за да биде дел од тоа колку сме позитивни и колку сме посебни за светот, додаде латинопејачката.
Поп-ѕвездата Лејди Гага, ја освои наградата за најдобар вокален поп-албум за нејзиниот „Mayhem“, како и за најдобра денс-поп-снимка и најдобра ремикс-снимка за „Abracadabra“ и ремиксот „Gesaffelstein“.
- Само сакам да им кажам на жените во музиката дека знам дека понекогаш кога сте во студио со група момци, може да биде тешко... Затоа ве охрабрувам секогаш да се слушате себеси и секогаш да се борите за вашите идеи, да се борите за вашите песни, да се борите за себе како продуцент. Погрижете се да бидете слушнати гласно и ви благодарам многу што ме поддржувате, нагласи Лејди Гага.
Претходно и пејачите Џони Мичел, Кехлани и Џастин Вернон се појавија со значки „ИЦЕ Надвор“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата