Порториканската музичка ѕвезда ќе настапи во шоуто на полувремето од финалето на НФЛ, кое оваа година е спонзорирано од Apple Music, а сè ќе се одржи во недела, 8 февруари, на стадионот Levi's во Санта Клара, објавува Unilad.
Се подготвува голема забава
Во пресрет на големиот настан, Bad Bunny е сè поотворен за медиумите. На прес-конференцијата на 5 февруари, тој откри некои детали за тоа што подготвува. Кога го прашаа дали некој би му се придружил на сцената, 31-годишникот се насмевна и рече: „Знаете што? Нема да ви го кажам тоа. Зошто би ви го кажал сега?“
Сепак, тој наговести каква атмосфера може да очекува публиката. „Само сакам да се забавувам, ќе биде вистинска забава... Не сакам ништо да откривам. Дозволете им на луѓето само да танцуваат“, рече тој. Тој додаде дека никој не треба да знае шпански за да ужива во него: „Најдобриот танц е оној што доаѓа од срце. А вие само одлучувате за кого навивате во играта.“

Музичарот се осврна и на периодот по доделувањето на Греми наградите, каде што освои три награди, опишувајќи го како интензивен. „Благодарен сум. Тоа е она што е со мене сите овие години, откако излезе албумот. Одам ден по ден и едноставно живеам“, рече тој. Додаде дека сака да ужива во Супербоул со својот тим и оние што му се најблиски и да се фокусира на моментот.
Одлука што предизвика поделени реакции
Иако многумина беа воодушевени од неговиот настап, имаше и критики. Конзервативната организација Turning Point USA најави алтернативно шоу со изведувачи како Кид Рок и Габи Барет.
Реакциите ги коментираше и Вупи Голдберг во емисијата „The View“ минатата есен: „Многу луѓе од MAGA очигледно се вознемирени поради НФЛ. Но, секогаш се вознемирени поради нешто. Ќе настапи уште еден одличен американски изведувач. Не гледам во што е проблемот - Порторико е дел од Соединетите Американски Држави.“
Претседателот на САД, Доналд Трамп, се приклучи на дебатата, велејќи во октомври: „Никогаш не сум слушнал за него. Не знам кој е тој или зошто го избрале. Лудо е.“
И покрај овие коментари, Бед Бани е една од најголемите музички ѕвезди во светот. Минатата година, тој беше меѓу најслушаните уметници на Spotify, со дури 19,8 милијарди преслушувања.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата