logo
logo
logo

КОНЦЕРТНО-ДОКУМЕНТАРЕН КОНЦЕПТ

„Од историја до Меморија“: Легендарната македонска рок група најави концерт и документарец во 12 епизоди

Vecer | 14.05.2026

„Од историја до Меморија“: Легендарната македонска рок група најави концерт и документарец во 12 епизоди

Легендарната македонска рок група Меморија го најави големиот концерт закажан за 23 октомври во арената Јане Сандански и снимањето на документарниот филм за групата која опстојува цели 43 години. На вчерашната прес-конференција музичкиот новинар и водител, но и некогашен член на бендот, Антонио Димитриевски откри дека овој пат концептуално целиот концерт како и документарниот филм ќе бидат насочени не само кон историјатот на Меморија, туку и кон корените на македонската рок музика, на чии темели се заснива и создавањето на групата, како и целата македонска забавно-музичка естрада до ден денеска. Оттаму и неформалниот наслов „Од историја до Меморија…“, во кој ќе се огледа концертната изведба на одредени музички нумери кои ќе ги изведе како Меморија, но најмногу дел од специјалните гости на концертот на 23-ти октомври.

За деталите говореше лидерот и основач нагрупата, Петар Георгиевски-Камиказа, кој нагласи дека освен песните на „Меморија“ ќе биде изведено дел од она што ги одбележало моментите на македонскиот рок од раните шеести, до доцните седумдесетти и почетокот на осумдесеттите, па се до моментот кога е настаната „Меморија“, и сето тоа во вид на аудио-визуелна концертна и документарна приказна.

За вовед во концертниот спектакл преку своевиден избран музички омаж се планира да му биде оддадена почит на прерано починатиот стожер на македонската поп-рок сцена, музичарот, композитор, текстописец, аранжер и продуцент, Тоше Поп Симонов, чии авторски песни направени за Студени нозе, Ена Веко, Дарио, Верица Пандиловска, Асторија... ќе ги изведе Ивица Стојановски Фиц (екс-Студени нозе) засилен со бенд, составен од браќата Икономови, наследниците на легендарниот гитарист на „Бис – Без“, Коце Икономов. Од една интересна постава во која ќе учествуваат повеќе различни генерации биде изведена и култната химна на шеесеттите, подоцна вечен евергрин хит – „Дал да плачам ил да пеам“! Дел од специјалните гости ќе бидат и некогашните членови на групата Бон-Тон, потоа Бени Шаќири (Нон-Стоп)…

На прес-конференцијата освен концептот на претстојниот концерт, беше најавена и содржината на документарниот филм за Меморија“, чии први една-две епизоди ќе бидат посветени на историјата, почетоците и корените на македонскиот рок-енд-рол чиј зачеток датира во почетокот на 60-ите, којшто веќе почна да се снима кон крајот на минатата година и се планира во 12 епизоди да се прикажува на МТВ.

Во тој контекст на прес-конференцијата покрај претставниците на медиумите присуствуваа и познати музички имиња, основоположници и живи легенди на македонската рок сцена како Димитрија Павловски – Денки, Јане Коџобашија, Димитар Поп Панков -Папас, Мики Јовановски – Џафер, Гранит Таки… како и мноштво други познати музичари и пејачи, сегашните, но и дел од екс членовите на Меморија!

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk