Веста за неговата смрт ја објавија Кристијан Петри и Кристина Линдстром, автори на документарецот од 2021 година „Најубавото момче на светот“, кој го опиша неговиот живот и кариера. Андресен почина во сабота, на 25 октомври, а причината за смртта засега е непозната.
Роден во Стокхолм во 1955 година, Андресен доживеал лична трагедија рано – ја загубил мајка си кога имал само десет години. Го одгледала неговата баба, која го охрабрила да се посвети на глумата и манекенството. Својата глумечка кариера ја започнал многу млад, а на само петнаесет години добил улога што ќе го обележи засекогаш – улогата на Таџи во филмот на Висконти „Смрт во Венеција“. Ликот на момчето кое станува опсесија на стариот композитор Густав фон Ашенбах (Дирк Богард) му донесе светска слава и статус на симбол на недостижна убавина.
На лондонската премиера во 1971 година, Висконти го претставил како „најубавото момче на светот“. Набрзо потпишале тригодишен договор, а младиот актер станал сензација. Сепак, славата го оптоварила – како што подоцна рекол, чувствувал дека станал „разоткриено тело“. Особено се сеќавал на вечерта кога Висконти го одвел во геј бар, каде што сите го гледале. Иако во тоа време го следеле бројни озборувања за неговата сексуалност, Андресен секогаш ги негирал таквите обвинувања.
Сепак, по тој бурен период, поминал една година во Париз, со поддршка на богат бизнисмен. Ретко зборувал за тие денови. Подоцна, одбил улоги во хомоеротски филмови и се посветил на музиката.
Андерсен студирал музика во Стокхолм и снимил неколку поп-песни кои станале популарни во Јапонија, каде што „Смрт во Венеција“ исто така доживеала огромен успех. Неговиот лик послужил како инспирација за многу автори на аниме и манга.
Иако подоцна имал помали филмски и телевизиски улоги – меѓу другите во сериите „Валандер“ и „Јордскот“ – најмногу ја сакал својата наставничка работа. Студентите го опишале како исклучителен предавач и драг ментор. Тој беше и член на музичката група „Свен Ерикс денс бенд“, која ја напушти пред три години.
Приватниот живот на Бјорн Андресен беше далеку од гламурозен. Тој беше во брак со поетесата Сузана Роман, со која има едно дете. По разводот, детето растеше со неговата мајка, додека Андресен живееше во изолација. Според познаници, неговиот стан беше запоставен, а повремено му помагаа социјалните работници и неговата сегашна партнерка.
Контроверзиите не го избегнаа ниту подоцна во животот. Кога феминистката Жермен Грир ја стави неговата фотографија од „Смрт во Венеција“ на насловната страница на „Најубавото момче“ во 1983 година, Андресен беше огорчен. „Никој не ме праша за дозвола. Не сакав тој филм да ме следи до смртта“, рече тој. Сепак, издавачот имаше согласност од фотографот Дејвид Бејли, сопственикот на авторските права.
Колку и да се обидуваше да избега од сенката на Таџи, таа никогаш не го напушти. Во хорор филмот „Midsommar“ (2019) тој се појави во улогата на старец по име Стен – во трогателна сцена од пагански ритуал во кој постарите членови на заедницата скокаат од карпа во смрт. Малкумина во тоа време препознаа дека овој седокос, пијан човек всушност бил поранешното „најубаво момче на светот“.
Бјорн Андресен е запаметен како трагична фигура во филмската историја – уметник чиј младешки лик стана легенда, а чиј живот беше доказ за цената на раната слава.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата