37-годишниот Тајрон Џонс бил застрелан повеќе пати во главата и градниот кош и бил прогласен за мртов на местото на настанот, објави Дејли Меил. Актерот Стоукс бил уапсен пет месеци подоцна, откако истрагата открила дека тој ја демнел жртвата дури четири месеци пред злосторството.
На 13 март 2025 година, поротата го прогласи за виновен за убиство и две точки од обвинението за недозволено поседување оружје, а неговата казна беше изречена во петокот, на 21 март. За време на изрекувањето на пресудата, Стоукс изгледал вознемирено додека членовите на семејството на убиениот Џонс аплаудираа. Судијата Кенет Холдер беше остар кон Стоукс, прекорувајќи го поради прекин на судењето и обид за повторно отворање на претходните предлози.
Law & Order actor Isaiah Stokes sentenced to 25 years to life in prison for 'calculated' 2021 murder https://t.co/c3DwG1f9FZ
— Daily Mail Online (@MailOnline) March 21, 2025
„Не ми е гајле дали тврдиш дека си невин“
Кога Стоукс пркосно му промрморе нешто на судијата, Холдер возврати: „И не ми е гајле што рече! Не ми е гајле што тврдиш дека си невин, ти си повеќе виновен од кој било кој некогаш стапнал во оваа судница!“ Тој додаде: „Мислевте дека тоа што сте во затвор ќе ви помогне во филмската кариера кога ќе излезете. Но проблемот е што нема да излезете. Никој не може да планира и изврши убиство толку глупаво како што направивте вие“.
Судијата потсетил како Стоукс со месеци бил опседнат со одмазда поради тепачка на роденденската забава на Џонс во октомври 2020 година, по што тој го следел и на крајот го убил. „Го ловевте Џонс и го застрелавте единаесет пати за да се осигурате дека ќе умре... Иронично, тоа крваво дело ви го донесе признанието што го посакувавте. Сега вие сте пример како некој може да си го уништи сопствениот живот за миг“.
Џонс го избрка од неговата роденденска забава
Судијата Холдер, исто така, истакна дека и тој и адвокатите на Стоукс постојано го советувале актерот да прифати спогодба за признавање на вината откако ги видел снимките од надзорните камери кои јасно го идентификувале како сторител, но Стоукс одбил, пишува Дејли мејл.
Според окружниот обвинител на Квинс, Мелинда Кац, Стоукс бил „понижен и лут“ откако бил исфрлен од роденденската забава на Џонс во октомври 2020 година поради несоодветно однесување кон гостите.
„Не му дадовте шанса, ги излажавте сите“
„Тој подготвуваше одмазда со месеци, прикачи ГПС уред на автомобилот на Џонс и го следеше со недели пред да го најде паркиран на улицата Линден и да испука 11 куршуми во него“, рече Кац. „За ова педантно планирано убиство сега е задоволена правдата, а обвинетиот остатокот од животот ќе го помине зад решетки како директна последица на неговите криминални дејствија.
Емотивен говор пред судот одржа и таткото на убиениот Тајрон Џонс - Тајрон Џонс постариот. „Ти Џеј беше забавен, полн со љубов, тој беше син, брат, вујко и внук. Не сакам да се сеќавам на денот кога решивте да го убиете мојот син. Го изгубив мојот единствен син, не од несреќа или болест, туку од чудовиштето Исаја Стоукс.
"Го следевте мојот син со недели. Додека седеше во автомобилот, не му дадовте шанса... Сите ги излажавте! Сега треба да одам на гробишта да разговарам со мојот син", додал тој.
Изгуби многу килограми во затвор
Покрај „Закон и ред“, Стоукс глумеше и во сериите Rescue Me, Boardwalk Empire и Louie, а неговата последна телевизиска улога беше во 2019 година во серијата Power. Покрај глумата, тој правеше музика и под псевдонимот I$AIAH, а својот последен сингл Persona of a Hustler го издаде во 2023 година.
Пред судењето, Стоукс беше едвај препознатлив поради значителното губење на тежината за време на неговото време во затворот на островот Рикерс. Мелинда Кац заклучи: „Ова беше ладнокрвно, планирано злосторство за одмазда. Мојата канцеларија ќе продолжи неуморно да работи против насилството со огнено оружје со истрага и гонење на оние кои го шират на нашите улици“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата