Многу луѓе, меѓу кои и многу познати личности од регионот, изразија сочувство за трагичната загуба на животи по несреќата во Кочани. Сочувство испрати и Џибри Бел, познат американски инфлуенсер кој долго време живееше во Србија и кој во своите видеа постојано зборува за тоа како ги сака обичаите и луѓето на Балканот.
- Македонијо, те сакам! Срцето ми е скршено откако слушнав за пожарот на концертот. Тоа е толку трагичен настан. Групата „ДНК“ ми значи многу. Андреј, Панчо, навистина ми го променивте животот... - вели тој.
Инаку, во страшниот пожар кој избувна ноќта меѓу саботата и неделата, трагично загинаа осум членови на бендот ДНК.
Меѓу загинатите се пејачот Андреј Ѓоргиевски, тапанарот Горѓи Ѓоргиев, клавијатуристот Филип Стевановски, гитаристот Александар Коларов, фотографот Александар Ефремов, пратечкиот вокал Сара Пројковска, звучниот инжинер Игор Велков и битбоксерот Мартин Атанасовски.
Еден од основачите на групата, Владимир Блажев Панчо, ја преживеа несреќата, но е во болница и се уште нема детали за неговата здравствена состојба.
Андреј успеал да избега од пожарот, како што потврдиле неговите блиски пријатели, но се вратил внатре за да спасува, по што врз него се урнал покривот и веднаш го усмртил. Безживотното тело на пејачот, кој им подлегна на повредите, го препознала неговата сопруга Наталија, која го идентификувала по часовникот што го носел. Тој беше татко на 10-годишна ќерка.
- Сите Македонци направија толку многу за мене. Само сакам да кажам дека ми е жал и посакувам да можев да бидам таму со вас. Се надевам дека сите ќе заздрават од овој настан, бидејќи музиката е толку моќна, тажно е тоа што се случи. Затоа останете заедно, останете силни! Сите мои балкански браќа и сестри, без разлика од која земја сте, држете се заедно! Многу го сакам тој дел од светот! Срцето ме боли и жал ми е што не можам да бидам таму, низ солзи изјави Џибри и додаде дека моментално не е во Србија поради семејни проблеми.
- Горд сум на вас. Бидете силни, бидете заедно. Запомнете дека постои само една раса - човечката раса. Сите сме едно и на сите ни треба љубов, на сите ни треба исцелување. Затоа ја испраќам мојата љубов до секој од вас. Господ да ве благослови“, вели Џибри во емотивната порака.
Поради трагедијата што ја снајде Северна Македонија, денеска во Србија е прогласен Ден на жалост.
Во Србија се згрижени 29 тешко повредени пациенти.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата