logo
logo
logo

Шанел без конкуренција ФУСТАНОТ СО 4.660 ВЕЗЕНИ ДЕТАЛИ ШТО ГИ ВООДУШЕВИ ЗЛАТНИТЕ ГЛОБУСИ

Vecer | 15.01.2026

Шанел без конкуренција ФУСТАНОТ СО 4.660 ВЕЗЕНИ ДЕТАЛИ ШТО ГИ ВООДУШЕВИ ЗЛАТНИТЕ ГЛОБУСИ

83-тото по ред доделување на Златните глобуси, кога станува збор за модата, остави донекаде недоречен впечаток. Многумина очекуваа многу повеќе од ѕвездите на црвениот тепих, но сепак имаше одлично облечени дами кои привлекоа внимание во хотелот „Беверли Хилтон“ во Лос Анџелес.

Една од најдобро облечените, без сомнение, беше австралиската актерка Роуз Бирн, која го освои и Златниот глобус во категоријата најдобра актерка во филмски мјузикл или комедија за филмот „Да имав нозе, ќе те шутнев“.

Таа се појави на црвениот тепих во раскошен зелен фустан на „Шанел“, со рачно извезени бисери и кристали.

Свилената креација ја следеше линијата на телото. Горниот дел имаше длабоко V-деколте, украсено со бисери и кристали по рабовите, додека од половината до подот фустанот беше со прав крој и се спушташе во благ шлеп. Деталот во пределот на половината, кој се протегаше до подот, дополнително ја нагласи атрактивноста на самиот фустан.

– Ми се допадна прекрасната, едноставна елеганција на фустанот со толку смела боја. Тоа е многу уникатна и мошне „шанелска“ комбинација. Ми се допаднаа и деталите на задниот дел од фустанот, како и дозата на драма што ја дава шлепот – изјави актерката за британскиот „Вог“.

За изработката на 4.660 везени детали биле потребни 210 часа рачна работа, а со својата појава фустанот разбуди спомени на легендарниот моден момент на Кира Најтли, која ги воодушеви сите со прочуениот зелен фустан во филмот „Atonement“.

Роуз Бирн својот изглед го надополни со накит од колекцијата Chanel Tweed: обетки Frangé, прстен Brodé и нараквица од 18-каратно бело злато Motif Russe.

Кога станува збор за совршено усогласен гламур, актерката го ангажираше својот долгогодишен шминкер Џејмс Молој.

– Инспирацијата ја црпевме од 1940-тите, фокусирајќи се на елеганцијата со леснотија на носење, што му дава на изгледот модерен призвук – вели тој, додавајќи дека акцентот бил ставен на природната леснотија.

– Секогаш станува збор за рамнотежа. Облеката, косата и накитот природно го водат стилот на шминката, но исто толку важно е и како шминката ве прави да се чувствувате.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk