logo
logo
logo

СВЕТОТ СЕ ЗБОГУВА СО СОНИ РОЛИНС Човекот кој ги спои Чарли Паркер, Мајлс Дејвис и „Ролинг стоунс“

Vecer | 26.05.2026

СВЕТОТ СЕ ЗБОГУВА СО СОНИ РОЛИНС Човекот кој ги спои Чарли Паркер, Мајлс Дејвис и „Ролинг стоунс“

Сони Ролинс, легендата на џез-музиката кој честопати беше нарекуван „најголемиот импровизатор“ на овој жанр, почина денеска во својот дом во Вудсток, Њујорк. Ова беше објавено на неговите официјални профили на социјалните мрежи. Имаше 95 години.

Во текот на својата кариера долга повеќе од 60 години, тенор-саксофонистот сними над 60 албуми. Неговите композиции „St. Thomas“, „Oleo“, „Doxy“ и „Airegin“ станаа џез-стандарди. New York Times во својот текст забележа: „Дури и според стандардите на музиката која ја вреднува индивидуалноста, тој се издвојуваше“.

Немирниот гениј на џезот

Associated Press го нарече Ролинс „немирниот гениј на џезот“. Несомнено е дека тој немир придонесе за неговата работа во текот на децениите.

Врз Ролинс рано влијаеше уште еден легендарен саксофонист, Чарли Паркер, кој свиреше алт-саксофон. Во средно училиште, никој друг туку Телониус Монк го зеде Ролинс под свое закрила. Подоцна снимаа заедно. Ролинс продолжи да снима со Паркер (двајцата ги одмерија силите во „Tenor Madness“), Орнет Колман, Дизи Гилеспи, Макс Роуч и Мајлс Дејвис. Неговата соработка со Дејвис резултираше со албумите Dig, Collectors’ Items и Bags’ Groove.

Апсење и проблеми со пороците

Меѓутоа, токму кога многумина почнаа да го доживуваат како нова џез-ѕвезда, Ролинс беше уапсен во 1950 година за вооружен грабеж, а повторно во 1952 година за прекршување на условната слобода. Во 1955 година доброволно се пријави во четиримесечна програма за лекување од зависности во Федералниот медицински центар во Лексингтон, Кентаки, каде што се лекуваа многу познати џезери.

По излегувањето се пресели во Чикаго, каде што најпрво се вработи во една фабрика, извршувајќи ги најниските работи, а потоа продолжи како утоварувач на камиони. Бараше физичка работа за да се ослободи од пороците кои се закануваа да му ги уништат и здравјето и кариерата.

Повторно на врвот

Кон крајот на 1955 година го напушти Чикаго за повторно да ѝ се приклучи на многу активната џез-сцена.

Во 1957 година, Ролинс го сними Saxophone Colossus, кој се смета за негово најголемо дело како лидер на бенд. Конгресната библиотека во 2017 година го вврсти во Националниот регистар на снимки. Во соопштението за неговото вклучување беше наведено дека тоа е „еден од клучните албуми во кариерата на Ролинс“ и беше истакната „силата, грациозноста и хуморот“ на неговите соло-делници.

Отсвире соло во песна на „Стоунси“ иако не ја сакаше нивната музика

Дури и оние кои воопшто не го познаваат џезот ја знаат неговата работа: Ролинс го отсвире препознатливото соло на саксофон на крајот од песната на Rolling Stones, „Waiting on a Friend“.

Иако Ролинс не беше љубител на музиката на Stones, за тапанарот на бендот, Чарли Вотс (1941–2021), кој имаше џез-позадина, саксофонистот беше еден од идолите.

„Кога тој ќе застане и ќе засвири, нема саксофонист кој не гледа со воодушевување“, рече Вотс во 2010 година. „Тој е последниот што остана и сè уште свири исто толку добро како и тогаш. Сè уште е на врвот на она што го работи. Тоа е голема инспирација дека всушност не постои временско ограничување, но многу малку луѓе можат да го прават тоа на тоа ниво“.

Тој доби Греми за животно дело во 2004 година. Ја доби Националната медаља за уметност во 2010 година. Заедно со Јо-Јо Ма, Нил Дајмонд и Мерил Стрип, Ролинс во 2011 година го доби признанието Kennedy Center Honor од претседателот Обама.

Последниот концерт

Својот последен концерт го отсвире во 2012 година, а поради респираторни проблеми се повлече од сцената во 2014 година. Во 2024 година беа објавени неговите дневнички записи „The Notebooks of Sonny Rollins“.

Покрај соопштението за смртта на славниот музичар, беше наведена и изјавата на Ролинс од 2009 година за креативноста и загробиот живот:

„Мислам дека кога една креативна личност ќе заврши тука, таа продолжува во следното постоење. Јас сум личност која верува дека овој живот не е сè и дека не завршува сè со него. Духовната личност не го чувствува тоа така“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk