logo
logo
logo

Хуман потег на Лејди Гага: 200.000 долари за менталното здравје на младите

Vecer | 23.01.2026

Хуман потег на Лејди Гага: 200.000 долари за менталното здравје на младите

Американската музичка и филмска ѕвезда Лејди Гага, преку својата фондација „Born This Way“, донираше по 100.000 долари на две невладини организации од Варшава кои се занимаваат со заштита на менталното здравје на децата и младите.

Средствата се доделени на фондациите „GrowSPACE“ и „Warsaw House“ во рамки на „Фондот за љубезност во заедницата“, од кој вкупно се издвоени пет милиони долари за поддршка на организации што им помагаат на младите ширум светот, пренесува агенцијата ПАП.

Грантовите се распределени меѓу 55 организации од 11 земји, при што секоја добила по 100.000 долари за реализација на своите програми.

Фондацијата „GrowSPACE“, основана во 2020 година, е фокусирана на заштита на децата и младите, особено припадниците на ЛГБТК+ заедницата, од дискриминација и насилство, како и на поддршка на нивното ментално здравје.

„Ова за нас е огромно признание и конкретен одговор на растечките потреби на младите луѓе. Сакаме да покажеме дека барањето психолошка помош не е причина за срам“, изјави членот на управниот одбор на фондацијата, Доминик Куц.

Тој додаде дека грантот претставува голема одговорност, бидејќи номинациите за програмата пристигнале директно од корисниците на помошта, вклучувајќи средношколци од цела Полска.

Фондацијата „Warsaw House“ се занимава со превенција на бездомништвото кај младите, обезбедувајќи им економска, психолошка и социјална поддршка.

Фондацијата „Born This Way“ Лејди Гага ја основала во 2012 година заедно со мајка ѝ Синтија Германота, со цел промоција на менталното здравје кај младите, борба против исклученоста и поттикнување на прифаќањето на различностите.

Лејди Гага во повеќе наврати зборуваше за сопствените проблеми со менталното здравје, вклучувајќи депресија, анксиозност и посттрауматско стресно нарушување, истакнувајќи дека јавно ги споделува тие искуства за да ги охрабри другите кои се соочуваат со слични тешкотии.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk