По концертот во Скопје кој се памети по преполната Филхармонија и атмосферата во која секоја песна се пееше во еден глас, Александра Радовиќ на 30 јули доаѓа во Охрид, подготвена да приреди уште една незаборавна музичка вечер.
Една од најголемите регионални поп ѕвезди преку видео порака лично ја покани македонската публика да биде дел од концертот на Античкиот театар.
„Драги луѓе ве чекам на 30 јули во Охрид, на мојот голем концерт. Дојдете ќе ни биде одлично!“, вели Радовиќ.
Нејзините концерти одамна не се само музички настапи. Тие се вечери во кои емоциите се чувствуваат во секој стих, моменти кога илјадници луѓе пеат како едно, а песните добиваат сосема нов живот. Токму затоа интересот за охридскиот концерт постојано расте, а организаторите Евентум продукција очекуваат уште една вечер за паметење.
Во магичниот амбиент на Античкиот театар ќе одекнат безвременските хитови „Чувам те“, „Бивши драги“, „Ако никада“, „Не хвала“, како и многу други песни што со години се дел од најважните животни моменти на нејзината публика.
Александра Радовиќ, добитничка на признанието за најдобра поп пејачка во регионот на „Златна бубамара на популарноста“, важи за една од ретките уметници чии концерти секогаш носат искрена емоција, врвен вокал и атмосфера што долго останува во сеќавање.
Концертот ќе се одржи на 30 јули со почеток во 20 часот на Античкиот театар во Охрид. Билетите се во продажба по цена од 900 до 1.500 денари, во зависност од местоположбата, преку e-ticket.mk.
Оние што беа во Скопје веќе знаат каква вечер ги очекува. За сите останати, Охрид ќе биде можност да бидат дел од концерт за кој сигурно ќе се зборува долго и по последниот бис.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата