Дали ви здодеа од истите божиќни песни што од година во година се вртат на радиостаниците и во трговските центри? Ако одговорот е да, не сте единствени. Сепак, изгледа дека интернетот оваа година пронајде совршено решение – сосема нова, необична изведба на класикот „Jingle Bells“ која ги освои срцата на милиони слушатели ширум светот.
Иако Монголија веројатно не е првата земја што ви паѓа на ум кога ќе помислите на Божиќ, токму тоа е дел од шармот на оваа вирална сензација. Песната, зад која стои холандскиот диџеј со турско потекло Умет Озџан, е уникатна комбинација од монголско грлено пеење, техно-ритми и божиќен класик стар повеќе од 150 години.
Спој на традиција и техно
Оваа обработка за кратко време беше прогласена за „најдобра верзија досега“, а многумина коментираа дека „шопингот би бил многу позабавен ако ова се пушташе во продавниците“. Верзијата на Озџан ги изоставува поголемиот дел од стиховите на оригиналот и едноставно го повторува рефренот „Jingle bells, jingle bells, jingle all the way, oh what fun it is to ride in a Mongolian open sleigh“, изведен со резонантен, традиционален стил на пеење.
Приказната за настанувањето на хитот започнала кога Озџан објавил краток исечок со грлено пеење, кој веднаш станал вирален. Поттикнат од неверојатните реакции и, како што вели, „лудите барања“ на публиката, решил да ја сними целата песна и музички спот во кој танчери во традиционални монголски носии танцуваат на неговиот нов хит, пренесува Unilad.
Песната за само неколку дена собра милиони прегледи, а Озџан ја објави и на Spotify за сите да можат да ја додадат на своите божиќни плејлисти.
Одобри и Дедо Мраз
Дел од привлечноста на песната лежи во уникатната употреба на грленото пеење, традиционален стил на пеење од пространите монголски степи. Кај оваа техника, пејачот ги контролира гласните жици така што истовремено произведува два тона, создавајќи хипнотизирачка мелодија.
Песната доби и неочекувана пофалба – од самиот Дедо Мраз. На официјалниот Инстаграм-профил „Santa Claus“ беше споделена песната со коментар: „Елфите во моментов се нишаат во ритамот во работилницата. Постојано морам да ги потсетувам да престанат да танцуваат и да ги завршат последните барања за подароци!“
Коментирајќи го својот иновативен божиќен хит, диџејот изјави: „Ова започна како забавна идеја… а благодарение на вашите луди барања, се претвори во цела песна и музички спот. Се надевам дека ова ќе донесе малку топлина и радост во деновите пред Божиќ.“
Постоела и претходна верзија
Ако верзијата на Озџан ве поттикнала да ја истражите монголската божиќна музика – желба за која веројатно ни не сте знаеле дека ја имате – имате среќа. Уште во 2014 година, монголската фолк-група The Altai Band објави автентична верзија на истиот божиќен класик.
За разлика од техно-хитот на Озџан, нивната изведба користи традиционални инструменти. Членовите на бендот се собрале за да изведат помелодична верзија на својот јазик и во традиционална облека.
Иако нивната верзија не е баш „рејв на божиќна забава“, кај многу слушатели разбудила празничен дух. Еден корисник на YouTube забележал: „Ова ја има истата емоционална вибрација како кога семејството и пријателите би се собрале и би свиреле гитара или бенџо или кој било инструмент. Иако сме на спротивната страна од светот, тука во Тексас. Но музиката навистина е универзален јазик.“
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата