logo
logo
logo

Шокантна приказна од семејството Боуви: 91 ден во „терапија во дивина“

Vecer | 24.02.2026

Шокантна приказна од семејството Боуви: 91 ден во „терапија во дивина“

Ќерката на Дејвид Боуви тврди дека славниот татко ја испратил во „злоставувачка“ програма на т.н. терапија во дивина, наменета за „превоспитување“ на проблематични тинејџери.

Во искрена исповед објавена на социјалните мрежи, Александрија Џонс, позната како Лекси, откри дека не била покрај славниот музичар во моментот на неговата смрт, бидејќи претходно ја сместил во терапевтски центар.

Џонс (25), денес и самата музичарка, во видео на Инстаграм раскажа дека во програмата била испратена на 14 години, откако – соочена со татковата дијагноза на рак на црниот дроб во 2014 година – почнала да се врти кон алкохол и дроги. Боуви почина на 10 јануари 2016 година, два дена по својот 69-ти роденден.

Терапијата во дивина, позната и како „outdoor behavioural healthcare“, е контроверзна форма на третман за ментално здравје развиена во САД за адолесценти, вклучително и оние со проблеми со зависности. Програмите комбинираат интензивен престој во природа со психолошко советување, но со години се изложени на силни критики и обвинувања за злоупотреба на илјадници млади луѓе кои поминале низ нив. Познатата наследничка и претприемачка Парис Хилтон исто така тврдеше дека во една ваква програма била злоставувана.

„Парализирана од ужас и целосно нема“

Џонс, единственото дете на Дејвид Боуви и супермоделот Иман, изјави дека татко ѝ ѝ се извинил во писмо кое ѝ го прочитал непосредно пред двајца мажи, „повисоки од 190 сантиметри“, да ја одведат во програмата.

„Татко ми го прочита писмото што го напишал. Не се сеќавам точно што пишуваше, но ја паметам последната реченица: ‘Жал ми е што мора да го направиме ова.’ Потоа низ вратата влегоа двајца мажи, обајцата значително повисоки од мене. Ми рекоа дека можам да изберам полесен или потежок начин. Го избрав потешкиот. Се спротивставував. Викав. Се држев за ногата од масата.

Ме грабнаа, ми ставија раце врз телото, ме одвлекоа од сè што го познавав, а јас врескав од цел глас. Повикав помош, но никој не реагираше. Се чувствував како да ми е одземено правото да останам во сопствениот живот. Ме турнаа во црн џип.

Кога вратите се затворија, родителите ги немаше. Останав сама, во автомобил со двајца непознати мажи кои не сакаа да ми кажат каде одиме. Седев таму, парализирана од ужас и целосно нема.“

Како што вели, поминала 91 ден во програмата за терапија во дивина – без приватност и со можност за туширање само еднаш неделно. По три месеци била префрлена во резиденцијален терапевтски центар во Јута, каде што останала повеќе од една година. Таму дознала дека татко ѝ починал.

„Имав привилегија да разговарам со него два дена претходно, на неговиот роденден. Му реков дека го сакам, и тој ми го кажа истото. А потоа ја видов објавата: ‘Дејвид Боуви почина, опкружен со семејството’. Физички ми се слоши бидејќи – да, целото семејство беше таму. Освен јас.“

Сведочења и од Парис Хилтон

Џонс тврди дека во кампот ѝ направиле целосен претрес за да проверат „дали крие нешто на или во телото“. Раскажа дека учесниците копале дупки во земјата кои служеле како тоалети, притоа гласно броејќи за персоналот да има надзор врз нив.

„Огнот го палевме со лупење брезова кора и удирање кремен од челик. Готвевме на тие огнови. Учевме да врзуваме јазли за да поставиме церади под кои спиевме – на јога-подлога и во вреќа за спиење.“

Џонс во август објави дека ѝ бил дијагностициран аутизам, додавајќи дека тоа „конечно дало смисла на многу работи со кои цел живот се справувала во тишина“.

Во меѓувреме, Парис Хилтон во 2020 година со солзи сведочеше дека како тинејџерка ноќе ја разбудиле непознати мажи во нејзината соба и присилно ја одвеле во резиденцијална програма на „строга љубов“. Откако раскажа дека во еден ваков центар во Јута во 90-тите била злоставувана, покрена кампања против овие установи и во 2024 година сведочеше пред американскиот Конгрес, наведувајќи дека ѝ биле „присилно давани лекови и дека била сексуално злоставувана“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk