Има години што засекогаш остануваат запишани во животот на еден човек. За Тајзи оваа 2026 е токму таква година - година во која се испреплетија најголемата лична среќа и најголемиот професионален предизвик. Откако ја круниса љубовта со својата избраничка Ангела и започна ново животно поглавје, а наскоро ќе стане и татко, македонскиот музичар сега го остварува и својот долгогодишен сон - најголемиот самостоен концерт во својата кариера.
На 27 декември, во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, ќе се одржи концертот насловен „Тајзи и пријателите“, со кој ќе одбележи 18 години активна музичка кариера. Вечерта ќе ги обедини неговите најголеми хитови, бројни музички пријатели и специјални гости, но, пред сè, публиката која сите овие години беше дел од неговото музичко патување. Ќе биде тоа концерт исполнет со емоции, енергија и моменти што долго ќе се паметат.
Во текот на изминатите 18 години, Тајзи изгради препознатлив авторски печат. Зад себе има четири студиски албуми, повеќе од 80 авторски песни и е автор на над 20 композиции за други изведувачи. Неговата музика секогаш носеше силни пораки: за љубовта, Македонија, семејството, пријателството и вредностите што ги поврзуваат луѓето, поради што неговите песни останаа блиски до различни генерации.

„Кога ќе погледнам наназад, сфаќам дека сите овие години вредеа за да стигнам до оваа точка. Ова е мојот најголем концерт досега, но уште повеќе ме радува што ќе го споделам со луѓето кои веруваа во мене од самиот почеток. 2026 ми донесе љубов, семејна среќа и многу причини за благодарност. На 27 декември сакам сето тоа да го прославиме заедно. Ветувам вечер исполнета со искрени емоции, добра музика и спомени што ќе останат засекогаш“, вели Тајзи.
Организаторите Евентум продукција најавуваат концертна продукција на највисоко ниво, впечатлива сценографија и внимателно осмислена програма со бројни специјални гости, која ќе ја претвори оваа предновогодишна вечер во вистински музички спектакл.
Билетите веќе се во продажба преку e-ticket.mk по промотивна цена од 400 денари, која ќе важи до 2 август (Илинден), по што ќе се продаваат по редовна цена.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата