Додека природата се буди, а парковите се полнат со парови кои се држат за раце, статистиката раскажува една малку поинаква, помалку романтична приказна. Верувале или не, пролетта не е само сезона на нови заљубувања, туку и период кога најмногу врски завршуваат на „отпад“.
Ако забележувате дека околу вас луѓето масовно ставаат крај на своите љубовни приказни, не е само случајност, зад тоа стојат хормони, психологија и малку сурова статистика.
Како што деновите стануваат подолги, а сонцето посилно, нашето тело почнува да лачи повеќе серотонин и допамин. Овој хормонски коктел ни дава неочекуван бран на енергија и оптимизам. Но, токму тој нов „вишок“ на самодоверба често ни ги отвора очите за работите што претходно сме ги игнорирале. Она што во сивилото на зимата ни изгледало како поднослива врска, на пролетно сонце почнува да изгледа како тежок товар од кој сакаме да се ослободиме.
Пролетта психолошки нè програмира за промени. Како што ги чистиме плакарите и ги фрламе старите работи, несвесно почнуваме да правиме ревизија и на сопствениот живот. Настаните што следуваат, планирање на летните одмори, свадби и патувања, дејствуваат како катализатор. Многумина се прашуваат: „Дали навистина сакам да го поминам летото со оваа личност?“ Ако одговорот не е сигурно „да“, раскинувањето станува неизбежно во март и април.
Многу луѓе страдаат од сезонско афективно растројство во текот на зимата, кога поради недостиг на сонце се чувствуваат летаргично и депресивно. Во тој период, партнерот често ни служи како „заштитно ќебе“ или утеха. Но, кога сонцето ќе се врати и ќе ја врати нашата социјална мотивација, потребата од таа „зимска утеха“ исчезнува. Овој феномен нагло ги истакнува пукнатините во врската кои зимата успешно ги маскирала.
Ова не се само претпоставки. Познатата анализа на американскиот психолог Брајан Дан од 2018 година потврди дека токму во март и април има огромен скок во бројот на раскинувања, но и во активноста на апликациите за запознавање. Луѓето се чувствуваат поживи, посоцијални и поподготвени да го побараат она што навистина го сакаат.
Заклучок?
Пролетта е филтер за љубовта. Оние врски што ќе го преживеат „пролетното чистење“, веројатно имаат доволно сила да го издржат и врелото лето.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата