На 63-годишна возраст, денеска почина Тоше Поп Симонов, познат музички автор, композитор и продуцент.
Тоше Поп Симонов е човекот што го дефинираше развојот на македонската забавна музичка сцена, како дел од поп културата што автентично се создаваше од независноста на Македонија, во раните 90-ти години на минатиот век. Поп Симонов не беше фронтмен на сцената, но создаваше музика, музички имиња и проекти како „македонски производи“.
Во раните 1980-ти, Поп Симонов е член на групата „Пост скриптум“, од која подоцна произлезе култниот бенд „Бастион“, каде што свирел гитара заедно со Кирил Џајковски.
Неговата работа стои зад „феноменот“ Ена Веко на македонската сцена од 1991 година, каде што тој беше продуцент, композитор и текстописец на нејзиниот албум „Бубачки и градски ѕверки“.
Од тоа време е останата во архивите на македонската забавна музика и неговата соработка со Јаков Дренковски на албумот „C’est la vie“ (1991), каде што свирел електрична гитара, но бил и тонски инженер. „Вистинската професија“ на Тоше Поп Симонов во музиката всушност беше тонски инженер и продуцент.
Поп Симонов во својата долга кариера има соработувано со многубројни македонски, но и регионални изведувачи, меѓу кои се и Тоше Проески, Дарио, Верица Пандиловска, „Фрајле“ Алка Вуица…
Меѓу последните активности на Поп Симонов беше работата на песната „Знам дека сто посто те знам“ на Бени и Нонстоп, објавена во октомври 2024 година, каде што беше одговорен за музиката, текстот, аранжманот и продукцијата.
Тоше Поп Симонов има придонес и во филмската музика со неговата соработка во музичко-продуцентскиот дел на филмот „Пред дождот“ (1994).
Погребот е во вторник, 22 април, од 11:30 часот на градските гробишта во Бутел.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата