Јужноафриканскиот композитор и продуцент, Лебоханг Мораке, кој го напиша и го изведе воведниот дел од песната „Кругот на животот“ (The Circle of Life) за познатиот филм на Дизни „Кралот лав“ (The Lion King), го тужи комичарот Лернмор Џонаси за наводно нарушување на угледот.
Во тужбата, Мораке наведува дека Џонаси „намерно погрешно го претставил значењето на неговите стихови“ во еден подкаст и во својот настап. Станува збор за делот од песната што го отвора анимираниот филм од 1994 година, а кој е централен и во сценските верзии, како и во римејкот на Дизни од 2019 година, пренесува „Гардијан“.
Тужба поднесена во Лос Анџелес
Како што се наведува, спорот настанал по едно интервју за подкастот One54, каде што Џонаси пред водителите го отпеал воведниот дел од песната „Кругот на животот“ на зулу јазик – „Nants’ingonyama bagithi Baba...“ На прашањето на водителите за значењето, тој рекол: „Погледни, тоа е лав. О, мој Боже!“.
Водителката прснала во смеа, наведувајќи дека мислела дека стиховите имаат некое „поубаво и повеличествено“ значење.
Тужбата е поднесена овој месец во судот во Лос Анџелес, каде што живее Мораке (кој настапува под името Лебо М) и каде што настапувал Џонаси.
Во документот се наведува дека комичарот „намерно го исмевал културното значење на стиховите преку претерани имитации“.
Адвокатите на Мораке во тужбата наведоа дека „ingonyama“ може буквално да се преведе како „лав“, но истовремено истакнаа дека во песната се користи како „кралска метафора“, додавајќи дека Џонаси „намерно погрешно ја претставил африканската вокална прокламација, вкоренета во јужноафриканската традиција“.
Барање за милионска отштета
Во тужбата се наведува дека комичарот „добил овации од публиката“ за слична шега за песната за време на настапот на 12 март во Лос Анџелес. Ваквите изјави, како што се тврди, „ги попречуваат деловните односи на Мораке со Дизни и неговите приходи од авторски права, предизвикувајќи му штета поголема од 20 милиони долари“.
Со тужбата, исто така, се бараат и седум милиони долари „казнена отштета“. Во тужбата се наведува дека Џонаси својот превод го претставил „како авторитативна факт, а не како комедија“, поради што, понатаму се тврди, „не би требало да ужива заштита од Првиот амандман која се однесува на пародија и сатира“.
Британските медиуми наведуваат дека Џонаси нема јавно наведен адвокат во овој случај, а неговиот претставник не одговорил на барањето за коментар во понеделникот вечерта.
Џонаси се огласи на социјалните мрежи
Сепак, комичарот изнесе одредени ставови во видео објавено минатата недела, додека ја продолжува својата турнеја низ САД.
Тој изјави дека е „голем фан на работата на Мораке“ и дека ја сака песната „Кругот на животот“. Кога дознал дека Мораке е вознемирен, рекол дека сакал да „направи видео со композиторот во кое би го објасниле подлабокото значење на стиховите“.
„Комедијата секогаш наоѓа начин да започне разговор“, изјави Џонаси во видеото што го објави на Инстаграм, а кое доби повеќе од 100.000 лајкови. „Ова е ваша шанса навистина да ги едуцирате луѓето, бидејќи сега луѓето ве слушаат“.
Меѓутоа, Џонаси тврди дека го променил мислењето за соработка со Мораке откако композиторот, како што вели тој, го нарекол „самомразач“ за време на нивната размена на пораки. Тој додаде дека реакцијата на Мораке „го занемарува остатокот од неговата работа“, која се занимава со „посуптилна критика на американските прикази на африканскиот идентитет“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата