Мајкл Џексон е најнаградуваниот пејач кога било и еден од највлијателните и најпознатите уметници во музичката индустрија. Тој дури 23 пати соборуваше Гинисовиот рекорд. Има продадено повеќе од 850 милиони албуми. Беше толку автентичен што до денес не се појавил никој како него. А преку бројните големи хитови, кои ги слушаат и младите, продолжува да живее вечно.
Овој американски пејач, текстописец, танчар и продуцент е роден на 29 август 1958 година. Кариерата ја започна многу рано како член на групата „The Jackson 5“ заедно со неговите браќа. Сепак, тој постигна планетарна слава како солист

Неговиот петти студиски албум „Off the Wall“ од 1979 година го означи преминот од сцената на тинејџерски идол во зрела поп ѕвезда. Но, вистинскиот пробив се случи со проектот „Трилер“ во 1982 година, кој стана најпродаваниот албум на сите времиња. Неговите хитови како „Billie Jean“, „Beat It“ и насловната песна „Thriller“ станаа химни за многу генерации.
Мајкл Џексон не само што остави длабоко влијание врз музиката, туку и врз танцовата индустрија. Неговите иновативни танцови чекори, вклучувајќи го и познатиот „moonwalk“, станаа препознатлив дел од неговиот стил на изведба. Покрај тоа, Џексон донирал големи суми на пари на различни добротворни организации ширум светот.

Меѓутоа, со текот на годините, физичкиот изглед и здравјето на Џексон често беа предмет на контроверзии што го следеа до крајот на неговиот живот.
1. ПРВ НАСТАП И ПЕСНА
Првиот настап го имал на само пет години, а првата песна „Бен“ ја напишал во 1972 година, која била број еден на жешката листа на Билборд.
2. ДОЛЖЕЛ ПАРИ ВО БИБЛИОТЕКА
Земал книги и речиси никогаш не ги враќал. Поради ова, тој и должел на библиотеката милион долари.

3. ПРЕЖИВЕАЛ ЗЛОСТАВУВАЊЕ ВО ДЕТСТВОТО
Во книгата „Мајкл Џексон, магија и лудило“ е истакнато дека Џексон бил малтретиран од неговиот татко. Музичката легенда признал дека татко му го тепал со ремен. Неговата сестра исто така потврди слична приказна во своите мемоари, но подоцна сè демантираше. Сексуалната злоупотреба никогаш не била докажана.
4. ПРВИОТ ЦРНЕЦ НА МТВ
Спотот за „Били Џин“ беше првото музичко видео изведено од пејач со темна кожа што се емитуваше на МТВ.
5. ПОЗНАТИ ЧЕВЛИ
Тој измислил чевли за танчари во кои можеле да се спуштаат многу ниско. Така, тој повторно го шокираше светот, додека ја изведуваше песната „Smooth Criminal“, паѓајќи речиси до подот.

6. MOONWALK
Го извел овој танц за прв пат на песната „Billie Jean“ во 1983 година. Тогаш светот остана фасциниран, никој не можеше да поверува како успеа да им пркоси на законите на физиката. Џез музичарот Каб Келовеј ја извел вата верзија на овој танц во 1932 година.
7. ГИ БОЕЛ УСНИТЕ
Обдукцијата покажала дека тој ги боел усните во розова боја, а веѓите ги затемнувал со тетоважа.
8. НАЈПРОДАВАНИОТ АЛБУМ КОГА БИЛО
„Трилер“ е најпродаваната плоча досега, има околу 50 милиони примероци.
9. ДВЕ ЅВЕЗДИ ВО ХОЛИВУД
На Булеварот на славните во Холивуд има дури две ѕвезди. Едната како соло уметник, а другата како член на групата Џексон 5.
10. КОЖНА БОЛЕСТ
Во разговор со водителката Винфри во 1993 година, тој признал дека има витилиго, болест која остава неправилни дамки и дека се шминка за да го изедначи тенот. Тоа наводно го потврдила и обдукцијата.
11. ВЕСТ ЗА СМРТТА
Првите информации беа дека го убил лекарот кој му препишал несоодветни лекови. Тој беше уапсен во 2011 година, а по отслужувањето на казната, детективите кои работеа на случајот открија грозоморни детали од собата во која почина Мајкл Џексон. Хартии со кратки пароли биле залепени насекаде, на креветот имало компјутер, девојче кукла и фотографии од бебиња. Лекот за кој се смета дека го убил кралот на попот бил пронајден во чантата на докторот.
Едно е сигурно – Мајкл Џексон остави неизбришлива трага во музичкиот свет и популарната култура. Неговата иновација, енергија на сцената и музички придонес сè уште се чувствуваат и ценат низ целиот свет. Почина на 25 јуни 2009 година на 50-годишна возраст.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата