Англиската фудбалска легенда Дејвид Бекам ќе добие ѕвезда на Холивудската патека на славните, во време кога Соединетите Американски Држави ги одбројуваат деновите до Светското првенство во фудбал, на кое се содомаќини заедно со Мексико и Канада.
Плочата на 51-годишниот поранешен капитен на Англија на познатиот Холивуд булевар во Лос Анџелес ќе биде откриена на 12 јуни, непосредно пред првиот натпревар од турнирот на американско тло меѓу Соединетите Држави и Парагвај, кој подоцна истиот ден ќе се одигра во блискиот Инглвуд.
„Ѕвездата на Бекам на Холивудската патека на славните во категоријата спортска забава доаѓа во вистински момент, додека Соединетите Држави се подготвуваат за домаќинството на Светското првенство во фудбал“, изјави Ана Мартинез од Холивудската стопанска комора.
Таа додаде дека Бекам имал голема улога во подигнувањето на профилот на фудбалот во Америка и дека оставил трајно влијание врз спортот, забавата и глобалната култура, пишува DW.
Од англиски талент до глобална слава
Во својата богата клупска кариера, Бекам најголемите успеси ги оствари во Манчестер Јунајтед, каде освои шест титули во Премиер лигата и една во Лигата на шампионите.
Тој играше и за европските гиганти Реал Мадрид, Милан и ПСЖ (Пари Сен Жермен), како и за американскиот МЛС-клуб ЛА Галакси. За репрезентацијата на Англија одигра 115 натпревари и настапи на три светски првенства.
По завршувањето на играчката кариера во 2013 година, тој стана сосопственик на американскиот клуб Интер Мајами, кој ја донесе аргентинската суперѕвезда Лионел Меси и минатата година го освои МЛС купот.
Бекам, кого британскиот крал Чарлс Трети минатата година го прогласи за витез, се покажа и во индустријата за забава. Во 2019 година беше соосновач на продукциската куќа „Студио 99“ (Studio 99). Тој веќе со години ужива статус на глобална ѕвезда и надвор од фудбалскиот терен.
Светското првенство започнува на 11 јуни со натпреварот помеѓу Мексико и Јужноафриканската Република во Мексико Сити.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата