logo
logo
logo

„Преку езерото“ со премиерни проекции на иранскиот филм „Коцкарот“ и краткометражните „Мртви корења“ и „ТЛСМ“

Vecer | 12.07.2026

„Преку езерото“ со премиерни проекции на иранскиот филм „Коцкарот“ и краткометражните „Мртви корења“ и „ТЛСМ“

Краткометражниот филм „Мртви корења“ на режисерот Меглен Анжик Трпков, вечерва премиерно ќе биде прикажан на фестивалот „Преку езерото“ во Дојран. Тој заедно со екипата од филмот денеска на прес-конференција говореа за мотивите за снимање, начинот на соработката со актерите, кинематограферот, како ги избирале кадрите за снимање…

– Сѐ почна од приказната за Силјан Штркот и тоа го поврзав со мојот живот бидејќи јас сум роден во Македонија и кратко време сум живеел тука, а сега веќе 15 години живеам во Холандија. Едноставно се идентифкував со приказната, а кинематографијата има и еден магичен свет. Урбаниот дел од филмот е сниман во Холандија, а руралниот во Македонија, бидејќи јас го живеам тој живот во Холандија, а цело време ме следеше желбата за враќање дома. Филмот е за потрагата по корењата, а во тоа голема помош имав од соработниците-актерите Христијан Крстевски, Талија Ѓорѓиева и Тони Наумовски – рече Трпков.

Публиката во Дојран, синоќа имаше ретка можност да проследи и ексклузивна светска премиера. Станува збор за иранскиот филм „Коцкарот“, кој го турка иранското жанровско кино на смела нова територија како сајбер-трилер заснован на вистински случај на дигитална војна, допирајќи се до глобалните вознемирености околу податоците, довербата и невидливите непријатели.

Филмот ја демонстрира способноста на иранската индустрија да се движи помеѓу поетскиот реализам, интимната социјална драма, мета-кинематската носталгија, етичкиот хуманизам и висококонцептуалниот трилер.

Претходно беше прикажан македонскиот краток филм „ТЛСМ“ во режија на Филип Момировски, кој предизвика бурни реакции и аплаузи кај публиката. Станува збор за филм кој ја обработува темата за врсничкото насилство, мошне актуелна тема, за која како што рече режисерот треба да се зборува. Инспирација за филмот му бил настанот во училиштето „Рибникар“ во Србија, но со оглед на тоа што и кај нас станува се почеста тема, Момировски истакна дека и родителите и училиштето и целата држава се одговорни и треба да влијаат тоа да не се повторува повеќе.

– Тоа е нов вид на насилство. За жал никако булингот да стане бајата тема кај нас, еве деновиве пак гледаме такви примери. Комплетно целото општество е одговорно и треба да влијаеме да немаме повеќе вакви случувања. Мораме сите да се вратиме на онаа филозофија декае потребно цело село за да се израсне едно дете, тоа ни е потребно и мислам дека треба да ги слушаме децата, да не ги запоставуваме и повеќе да им се посветиме – рече Момировски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk