Сакате елегантна трпеза за Велигден? Тајната на совршената нијанса се крие во комбинацијата на лушпи од кромид и неколку капки жолта и црвена боја. Оваа мешавина создава топол, „златен“ ефект кој на обичните јајца им дава уметнички изглед. Едноставна постапка за резултат кој веднаш го привлекува вниманието на секој гостин!
Добрата вест е дека не ви се потребни никакви посебни вештини за да ги обоите вашите јајца во златна боја – сè се постигнува со неколку едноставни чекори и состојки што веќе ги имате во вашата кујна. Клучот е во трпението, слоевитото нанесување на бојата и правилниот сооднос на жолтите и црвените нијанси, што ја дава таа топла, златна длабочина. Јајцата обоени на овој начин ќе бидат главната декорација за Велигден.
Состојки:
– 10 бели јајца
– кромид
– 1 лажица сол
– ќесичка црвена течна боја за јајца
– ќесичка жолта течна боја за јајца
Подготовка:
Лушпите од кромид ставете ги во тенџере и прелијте ги со вода така што целосно ќе се покрие. Кога водата ќе зоврие, варете покриено 30 минути за лушпите да ослободат интензивна, природна боја.
Потоа, додајте една лажица сол и измешајте. Во тенџерето внимателно спуштете ги 10-те свежи бели јајца што претходно отстоеле на собна температура, па покријте ги со лушпите од кромидот. Кога водата повторно ќе зоврие, намалете ја температурата и гответе околу 10 минути или подолго ако забележите дека јајцата побавно ја примаат бојата. Извадете ги на крпа и оставете ги да се исушат и да се изладат.
Додека јајцата се сушат, содржината од жолтите и од црвените ќесички потопете ја во врела вода и оставете да отстојат 5 минути. Потоа исцедете ја жолтата боја во еден сад, додајте малку црвена и нежно измешајте ги.
Земете го јајцето и со рацете извалкајте го во подготвената боја. Повторете ја постапката неколкупати додека не ја добиете посакуваната златна нијанса.
Оставете ги обоените јајца целосно да се исушат, но не ставајте ги на хартија, бидејќи може да се залепат – најдобро е да ги ставите на решетка или површина што нема да ја впие бојата. На крајот, ќе добиете јајца со богата, топла златна нијанса што изгледа природно, но во исто време и многу ефектно на празничната трпеза.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата