Селена Гомез, која својата дијагноза првпат ја откри јавно во 2020 година, опиша како тоа сознание ѝ донело олеснување, иако патот до него не бил лесен.
„Сè е многу комплицирано“
Во подкастот „Friends Keep Secrets“, Бланко ја праша својата сопруга дали се сомневала на биполарно нарушување пред официјалната дијагноза. „Знаев дека нешто не е во ред, но мислам дека ми поставуваа погрешни дијагнози“, одговори Селена Гомез.
„Мислам дека луѓето само претпоставуваа, а јас испробував повеќе терапевти.“ Таа призна и колку е комплицирано некому да му се препорача стручна помош.
„Всушност, многу е тешко да се зборува за овие работи, па дури и јас да му кажам некому 'Оди на терапевт'. Сето тоа е толку... комплицирано.“ Ја нагласи важноста на истрајноста во барањето помош, откривајќи дека престојот во четири различни установи за рехабилитација ѝ помогнал подобро да ја разбере својата состојба.
Препознавање на маничните епизоди
Нејзиниот сопруг Бени Бланко откри како Селена Гомез понекогаш поминува низ манични епизоди, а да не ги препознае во тој момент.
„Почнува да сфаќа што се случува дури откако ќе помине, а понекогаш и не се сеќава додека трае“, рече тој. Додаде дека тоа е чувствителна ситуација бидејќи на личност во таква состојба не би требало директно да ѝ се зборува за тоа. И покрај тоа, истакна дека Селена Гомез е „исклучително свесна“ кога доживува манија.
И самата пејачка вели дека сега побрзо ги препознава таквите моменти.
„Еднакво сум горда што можам да кажам дека имам моменти на манија“, изјави таа. „Воопшто не ми е срам, бидејќи можам да ги препознаам малку побрзо.“
Таа истакна и колку е важна поддршката од партнерот:
„Помага да имаш партнер кој ќе те разбере и ќе биде покрај тебе.“
Животот по дијагнозата
Откако ја добила дијагнозата, Селена Гомез вели дека живее „послободно“.
Објаснувањето на нејзината состојба ѝ овозможило да го разбере минатото.
„Целото тоа лицемерие околу срамењето на луѓето поради терапија, или луѓето кои не ја разбираат, се сведува на тоа дека тоа едноставно не е за вас“, рече таа.
„Но, мене тоа конечно ми овозможи да кажам: 'Аха, затоа така се справував со нештата. Затоа сите други можеа брзо да преболат некои работи, а јас не можев'.“
Додаде: „Реагирав од страв, од љубов, од страст, сè беше недоследно. Беше лудо.“
Селена Гомез ги охрабри другите да не дозволат дијагнозата да ги дефинира.
„Важно е да се информирате, да разговарате и да слушате подкасти или одредени содржини кои можат да ви помогнат да се едуцирате. Верувам дека има многу надеж“, порача таа.
Што е биполарно нарушување?
Биполарното нарушување, порано познато како манична депресија, се карактеризира со драматични промени во расположението, енергијата и нивото на активност, што влијае на способноста за извршување на секојдневните задачи. Според дефиницијата на клиниката „Мејо“ (Mayo), тоа вклучува емоционални подеми, познати како манија или хипоманија, и падови, односно депресија. Симптомите можат да се разликуваат бидејќи зависат од типот на нарушувањето.
Маничните и хипоманичните епизоди обично вклучуваат симптоми како зголемена активност или вознемиреност, претерана самодоверба, намалена потреба за спиење, необична зговорливост, забрзани мисли, лесно деконцентрирање и донесување лоши одлуки. Од друга страна, тешките депресивни епизоди можат да вклучуваат чувства на тага и безнадежност, губење на интерес за активности, промени во апетитот и телесната тежина, нарушувања на спиењето, постојан замор, чувство на безвредност или вина, потешкотии со концентрацијата...
Како да побарате помош
Клиниката „Мејо“ им препорачува на сите кои ги доживуваат наведените симптоми да побараат стручна помош. Дијагнозата се поставува врз основа на лекарски преглед, лабораториски тестови, проценка на менталното здравје, како и следење на расположението и обрасците на спиење.
По поставувањето на дијагнозата, се препорачува следење на знаците за предупредување за да се спречат нови епизоди. Доволно спиење, редовно земање на пропишаните лекови, како и избегнување дрога и алкохол, исто така можат да помогнат во управувањето со оваа состојба.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата