logo
logo
logo

Затворен е на неодредено познат музеј во Холандија, поради акција на климатски активисти(ВИДЕО)

Vecer | 07.09.2024

Затворен е на неодредено познат музеј во Холандија, поради акција на климатски активисти(ВИДЕО)

Ријксмузејот во Амстердам денеска одлучи да ги затвори вратите за посетителите „до понатамошно известување“, реагирајќи на блокадата од активистите на климатската група Extinction Rebellion (XR), кои се врзаа со синџири за влезот во музејот и запалија жолти факели за да ги спречат посетителите да влезат, објави НЛ Тајмс.

Станува збор за еден од најпознатите холандски културни простори.

„Наш приоритет е безбедноста на посетителите, персоналот и уметничката колекција“, изјави портпаролот на музејот за холандската новинска агенција АНП, додавајќи дека „секоја активност што се заканува е неприфатлива“. Жолто облечените демонстранти претходно се врзаа со синџири за влезот на музејот, палејќи жолти факели за да ги спречат посетителите да влезат во едно од најпознатите културни места во Холандија.

Тие објаснија дека нивната цел е да ја принудат управата на музејот да ги прекине врските со главниот спонзор, банката ИНГ. Активистите на „ХР“ ја обвинуваат ИНГ дека е вклучена во финансирањето проекти што ја оштетуваат климата. Од организацијата нагласија дека блокадата ќе продолжи сѐ додека не се исполнат нејзините барања.

Музејот, во кој се сместени огромна и вредна колекција на уметнички дела, вклучувајќи ја и „Ноќната стража“ на Рембрант, секојдневно привлекува илјадници посетители од целиот свет. „Неразбирливо е Rijksmuseum да си дозволи да биде финансиран од ING, најголемиот финансиски двигател на климатската криза“, изјави портпаролот на XR за ANP.

Тој исто така рече дека XR верува дека музејот му дозволува на големиот загадувач да го „скрие лицето зад познатите уметнички дела од холандската историја“. Портпаролот на ING одговори дека „ако XR има некаков проблем со политиката за финансирање на ING, организацијата треба директно да контактира со ING, а не со Rijksmuseum“.

Тој додаде дека ИНГ е „секогаш отворена за дијалог“. XR долго време води кампања против финансирањето на она што го гледа како „индустријата за фосилни горива“. Членовите на XR, меѓу другото, постојано ја блокираа обиколницата А10 во Амстердам недалеку од поранешната централа на ИНГ.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk