Европски дипломатски извори наведуваат дека залихите на збогатен ураниум во Иран по најновите случувања останале скоро недопрени.
Истите извори посочуваат дека 408 килограми збогатен ураниум никогаш не биле складирани во постројката Фордо, која се наоѓа стотина метри под планинска карпа, а чии влезови беа цел на специјални американски бомби.
Инспекторите од Меѓународната агенција за атомска енергија тврдат дека недела дена пред нападот го виделе ураниумот, додека раководителот на организацијата, Рафаел Гроси, смета дека некој дел од материјалот би можел да биде скриен околу Исфахан.
Иран не сокрива дека го премести ураниумот на друга локација.
Станува збор за збогатен ураниум сместен во специјални сандаци, кои лесно можат да бидат транспортирани со неколку камиони.
Сателитски снимки од нуклеарната централа Фордо, направени пред почетокот на неодамнешниот конфликт, покажуваат група од шеснаесет камиони пред влезовите на објектот, но не е познато дали потоа било изнесено нешто од подземните бункери.
Постојат нејаснотии дали и подземниот комплекс јужно од Натанз, во кој инспекторите сè уште немаат пристап, бил цел на напади, како и какви се последиците врз иранската нуклеарна програма, особено имајќи го предвид убиството на најмалку петнаесет ирански нуклеарни физичари во последниве две недели.
Неизвесно е и како меѓународната заедница ќе ја спроведува контролата на иранската нуклеарна програма, со оглед на тоа што парламентот во Техеран донесе одлука да прекине соработката со Меѓународната агенција за атомска енергија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата