На социјалните мрежи напиша дека е убеден оти Украина со поддршка на ЕУ и НАТО е во позиција да се бори и целосно да ја врати окупираната територија од Русија во изворна форма, изјава што целосно се коси со досегашниот став дека Киев ќе мора да се откаже од дел од територијата.
-Русија веќе три и пол години води бесмислена војна за која на права воена сила би и требало помалку од една недела да ја добие. Тоа не е комплимет за Русија. Всушност, тоа ја прави да изгледа како „тигар од хартија“. , изјави Трамп на социјалните мрежи.
Претходно, на средбата со Зеленски им даде и зелено светло на НАТО земјите да интервенираат ако им биде нарушен воздушниот простор.
-Дали мислите дека НАТО земјите треба да соборуваат руски авиони ако го нарушат нивниот воздушен простор? –Да.
Стигна експресен одговор од Кремљ. Портпаролот Песков изјави дека Русија напредува на сите фронтови, отфрлајќи ги сугестиите на Трамп дека Украина може да си ги поврати териториите. Му реплицираше и за ословувањето „тигар од хартија“.
-Русија воопшто не е тигар. Русија е потесно поврзана со мечка. Не постојат хартиени мечки. Русија е вистинска мечка. Претседателот Путин постојано и со различен степен на емоции ја опишуваше нашата мечка. Тука нема ништо хартиено. , изјави за Радио ДБК, Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Дека има пресврт во ставот на Трамп кон Русија, потврди и американскиот државен секретар Марко Рубио, кој рече дека руското одолговлекување на мировниот процес предолго трае.
-Претседателот е многу трпелив човек и е многу посветен на мирот, но неговото трпение не е бесконечно. И како што постојано повторуваше, пред себе има можност и опции да наметне дополнителни економски трошоци врз Руската Федерација, доколку е потребно, за да го заврши ова. , изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.
Украинскиот претседател Зеленски синоќа во Њујорк изјави дека Вашингтон може да ја „потурне Русија кон мир“, а ја прозва и Кина, за која рече дека ако сака може да ја принуди Русија да ја заврши војната.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата